Каков е планот на Заев за Македонија да добие датум за преговори?
Премиерот Зоран Заев синоќа оцени дека реформските процеси и закони кои се бараат од Европската комисија за добивање на датум за преговори со ЕУ во јуни течат според планот.
„Сите мерки се во добар тек на спроведување согласно планираното и ќе бидат целосно спроведени до објавување на Извештајот на Европска комисија за Северна Македонија. Заклучивме дека останува цврстата владина определба за уште посилни резултати на полињата владеење на правото, борба против корупцијата и криминалот, реформи во јавната администрација и реформи во безбедносниот сектор“, напиша премиерот на својот профил на Фејсбук по министерскиот состанок со преговарачите Бујар Османи, Бујар Маричиќ, како и со министрите Радмила Шекеринска, Рената Дескоска, Дамјан Манчевски, Оливер Спасовски, Роберт Поповски и владиниот секретар Драги Рашковски.
Според Заев, направен е план за удвојување на напорите за лобирање кај сите држави членки на ЕУ кои очекуваме да ја потврдат одлуката за почеток на преговорите за членство во ЕУ во јуни оваа година.
„Нашата цел е да ги исполниме очекувањата на граѓаните, да градиме држава по европски стандарди и да го започнеме долгоочекуваниот процес на преговори со ЕУ“, додаде тој.
