Како во Колумбија, пронајдени соѕидани 350.000 евра кај македонски судија
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција објави дека се пронајдени соѕидани 350.000 евра во дом на родителите на македонски судија.
Претресот е инициран откако на 14 декември беше осомничен адвокатот и пранешен државен правобранител Фехми Стафа..
Претресот бил кај судија од Апелацискиот суд во Скопје, осомничен за противправно стекнување и прикривање имот за кој постојат сомненија дека е прибавен меѓу другото со дејствија на корупција и трговија со влијание.
Претходно медиумски беше објавено дека се прават претреси кај судијата Ѓоко Ристов од Апелационен суд Скопје, кој беше поврзан со случајт Стафа и обидот за 50.000 евра да биде пуштен од притвор бизнисменот Љупчо Пецов - Ѓаволот.
„Врз основа на наредба што јавниот обвинител ја побара и обезбеди од надлежниот суд денеска беше извршен детален претрес на локација во Неготино, во домот на родителите на сега осомничениот судија, каде соѕидани во простор во ѕидот до овој момент се пронајдени 350.000 евра за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати и прикриени. Претресите и другите истражни дејствија продолжуваат, а јавноста ќе биде известена за натамошниот тек на постапката.
Станува збор за една од најопсежните истраги поради сомненија за висока корупција во нашата држава до сега, која е поткрепена со информации и известувања од Агенцијата за национална безбедност. Дејствијата координирани од јавниот обвинител ги преземаат припадници на Одделот за борба против организиран криминал при Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција, чија посветеност и професионален интегритет придонесе за успешно разоткривање и обезбедување докази за еден од најсериозните и најсложените облици на криминал“, информираат од Обвинителството.
