Како ВМРО ДПМНЕ и СДСМ изгубија 250.000 гласа?
Апсолутни победници на овие избори се Левица во македонскиот блок и коалицијата Алијанса & Алтернатива во албанскиот кампус. ДУИ помина подобро одошто се надеваше, а најголеми губитници се СДСМ и особено ВМРО ДПМНЕ кои заедно изгубија околу 250.000 гласови
Последниве парламетарни избори извадија на површина неколку нови квалитативни белези за двете најголеми македонски (или доминантно македонски) политички партии и дадоа призрак на светлина за нова политичка сила во условно кажано македонскиот политички блок.
Ние во „Фактор“ се занимаваме со бројките и веруваме во нивната егзактност. Големите политички анализи ќе им ги оставиме на мноштвото политички аналитичари меѓу кои има етаблирани, но многу повеќе има самопрогласени, навигирани, тешко конзумирани и навиени аналитичари кои меѓу себе се разликуваат по тоа дали се за интерна или екстерна употреба, за обете и дали се користат еднаш или повеќе пати.
Па што покажуваат бројките? (што гласачите им кажаа на ВМРО –ДПМНЕ и на СДСМ)
Изборите завршија со тесен изборен резултат меѓу политичките џинови на македонската политичка сцена. За воља на вистината ако споредуваме со изборите во 2016 година (кога немаше корона вирус, но имаше политички бомби во форма на нелегално стекнати аудио снимки) ВМРО ДПМНЕ и СДСМ си ги заменија местата. Тогаш ВМРО ДПМНЕ имаше околу 18.000 гласа повеќе од СДСМ, сега СДСМ (во коалиција со БЕСА) имаше 12.000 гласа повеќе од ВМРО ДПМНЕ. Да не заборавиме: тогаш двата спротивставени блока имаа вкупно речиси 900.000 гласа, а сега имаат заедно помалку од 645.000 гласови. Дали причината за ова осипување на претежно македонскиот етнички електорат е заради опасноста од корона вирусот? Или тоа е комбинација во која во поголема мерка причината е разочарувањето на Македонците од двете свои доминантни опции? Веројатно дека е така. Начинот на промената на уставното име, амнестијата на Крсто Мукоски, разочараноста на тврдокорните националисти од безличниот Мицкоски, шурувањето на Заев со Мијалков (за што слушавме во новите бомби) , аферите со Катица Јанева и Боки 13 со кого се сликаше целиот врвен естаблишмент на СДСМ, разочараноста на дечките кои на грб ја однесоа „шарената револиција“ која потоа и се „оби“ од нивниот грб. Ова се само најударните потреси во овие три години, а ги имаше мноштво.
Тука треба да си ги бараат ВМРО ДПМНЕ и СДСМ причините заради кои се изгубија повеќе од 250.000 гласа. Затоа што според бројките односно гласовите што ги добиле и двете најголеми опозициски партии се „Лузери“. Зошто? Затоа што во однос на претходните парламентарни избори изгубија : СДСМ околу 110.000 гласа, а ВМРО ДПМНЕ 135.000 гласови.
Очигледно дека неопределените гласачи во огромна мерка се презаситени од нивните фрази и флоскули, а разочарани и можеби згрозени од реализацијата односно „учинокот“ особено на владеачката коалиција. А на ВМРО ДПМНЕ уште не можат да му ги простат „зулумите“ од времето на Никола Груевски и неговата владеачка свита која во многу придонесе тој да го добие ореолот на „македонскиот диктатор“. Заев треба да се замисли за тоа како од еден во друг изборен циклус му се намалува бројот на гласачи. Но и Мицковски треба да се „пресмета“ каде му “тонат“ гласовите и што нуди на своите сопартијци и симпатизери. А претходно да ги смени „доверливите“ анкетари за да не го лажат со прогнозите дека ќе имал од 3 до 6 плус пратеници.
Кои се најголемите добитници?
ДИУ на овие избори „се врати од мртвите“. Иако многумина ги отпишаа тие „махери“ излегоа можеби клучниот фактор кој ќе ја прави оваа Влада. На последните парламентарни избори „екипата од Мала Речица“ пет пратеници повеќе од 2016 година, а во гласови зголемувањето изнесува речиси 20.000 гласа односно околу 25 отсто (грубо речено) повеќе од 2016 година. Тука има уште една „магија“ за која придонес дадоа и македонските големи политички партии. Измената на законот со кој избирачки места од шеската се префрлија во друга изборна единица во која на овие избори ДУИ направи „пепел“. Дури и Бујар Османи кој од петни жили се труди да биде „хладан као шприцер“ и „контрол махер“ делуваше како да беше изненаден од резултатот.
Но вистинските победници се : коалицијата Алијанса и Алтернатива во албанскиот гласачки корпус и Левица во македонскиот блок. ДУИ колку и да делува дека е главен, сигурно има „труднички мачнини“ од овие две партии, а особено од Села и неговата Алијанса. Зошто? Затоа што Алијансата во 2016 година имала 35.000 гласа, а сега заедно со Алтернатива имаат околу 82.000 гласа. Бујар и екипата треба да се свесни дека многу е зголемен бројот на Албанци гласачи кои не се задоволни од ДУИ и не го кријат тоа.
Левица со „камиказата“ Апасиев јако го „акна“ СДСМ особено во првата изборна единица. Дел од „шарените“ кои се разочарани од СДСМ веројатно одлучија да казнат преку Левица. Оваа партија на изборите во 2016 година имаше само 12.000 гласа, а сега има над 37.000 гласа. Тоа е зголемување за три пати на бројот на гласови. И таков скор нема ниту една друга партија. А Апасиев, познавајќи ги неговите знаење и вештини нема да остане на ова и ќе прави спектакал за јавност и себепромоција во секој нареден настап. Па видете како ги ремети Дерковски и екипата од ДИК.
Значи овие избори донесоа големи промени. Нели, кој може да ги види!!!????
Р.Ф.