Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Како тоа баш пред локални избори почнаа да „горат“ депониите?“: се огласи и ВМРО-ДПМНЕ, ја обвинуваат претходната владина коалиција за пожарите

„Како тоа баш пред локални избори почнаа да „горат“ депониите?“: се огласи и ВМРО-ДПМНЕ, ја обвинуваат претходната владина коалиција за пожарите

Овие денови Скопје и жителите на главниот град се соочуваат со серија инциденти на депонии кои се палеа, што предизвика значително загадување на воздухот. 

Ова беше причина за секојденвни препукувања меѓу партиите, а по денешниот пожар во Трубарево бурни реакции има од сите страни. 

Се огласија и од владејачката политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, кои обвинија дека зад овие случувања стои „злосторничкото здружение“ СДСМ–ДУИ. 

- Злосторничкото здружение ДУИ–СДС, неможејќи да го прифати фактот дека се поразени и дека граѓаните ја враќаат државата на прав пат, прибегнува кон најопасни и криминални методи. Наместо политики, подметнуваат чад и отров палејќи ги скопските депонии, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ кое МИА го објавува интегрално.

Откако не им успеа подметнувањето на пожарите ова лето низ селата и градовите во Македонија, сега се одлучија за нов, последен очајнички потег: палење на депониите во Скопје со цел да предизвикаат страв, незадоволство и хаос меѓу граѓаните. Со тоа не само што прават тешко кривично дело, туку свесно го уништуваат и здравјето на скопјани, што е политичко безобразие од најекстремен вид - пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ. 

Тие потсетуваат дека со години СДС и ДУИ управуваа со „Дрисла“ и „Вардариште“. 

- Тие ги поставуваа директорите, тие водеа политики, тие ветуваа фабрика за селекција на отпад, зелена зона и чист воздух. Сè остана само на хартија. Единствено што оставија зад себе е смет, диви депонии и труење на луѓето.

Спротивно на тоа, скопските градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ веќе четири години реализираат конкретни проекти за чистење и уредување на јавните површини, за воспоставување систем за селекција на отпад и за зајакнување на јавната хигиена. Владата во изминатата година започна процес на темелна ревизија на целата еколошка политика и подготви нови проекти за модернизација на „Дрисла“, за затворање на дивите депонии и за воспоставување европски стандарди за управување со отпад. Тоа е вистинската разлика меѓу криминалното наследство на СДС–ДУИ и одговорниот пристап на ВМРО-ДПМНЕ.

И тука се наметнуваат следниве прашања:

1.  Како тоа баш пред локални избори почнаа да „горат“ депониите?

2. Како тоа токму сега „Дрисла“ почна да загадува и да гори отпад?

3. Дали постои организирана структура зад ова?

Затоа ВМРО-ДПМНЕ повикува Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство итно да спроведат темелна истрага за инволвираноста на овие структури во намерното палење на депониите - се нагласува во соопштението испратено до медиумите. 

Потоа додаваат дека „денес, наместо да одговараат за националните порази и еколошките катастрофи што ги предизвикаа, тие повторно се обидуваат да ја запалат вистината и да го задушат Скопје“. 

- Граѓаните добро знаат: вистинската еколошка катастрофа се вика СДС–ДУИ - се заклучува на крајот од соопштението на ВМРО. 


Слично

Поврзани вести