Како Столтенберг го коментира бегството на Груевски?
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг за бегството на поранешниот македонски премиер, Никола Груевски вели дека се работи за билатерален случај кој треба да го решат двете инволвирани земји.
НАТО не сака да се меша ниту да го коментира бегството на Груевски во Унгарија, иако се работи за земја членка на организацијата.
„Не е мое да го коментирам тоа. Тоа прашање треба да си го решат Будимпешта и Скопје“, рече тој.
Столтенберг потсети дека Алијансата е подготвена да го потпише пристапниот протокол со Македонија , веднаш откако македонската страна го спроведе преспанскиот догвор.
„Она што го видовме е дека првото гласање каде беше потребно двотретинско мнозинство помина, дали ќе има двотретинско повторно на последното гласање не е на мене да шпекулирам, она што можам да го кажам е дека штом договорот за името е имплементиран ние сме подготвени да го потпишеме пристапниот протокол“, изјави Столтенберг.
Тој вели дека Западниот Балкан останува во нивниот фокус. Столтенберг најави посебен состанок посветен токму на регионот, во рамките на министерската средба на НАТО, која ќе се одржи наредите два дена во Брисел.
