„КАКО СЛЕДНАТА СЕЗОНА, ШТО СЕ ЗАМИСЛУВАТЕ ВИЕ“ – еве како успеа „К-15“, слушнете што се има да каже Каров во поткастот на Фактор, „Бизнис муабети“
Добро познатиот и препознатлив Љупчо Бубо Каров својата животна приказна, вклучувајќи и растот и заработката во мегапопуларното телевизиско шоу „К-15“ зборуваше ексклузивно во поткастот на Фактор, „Бизнис муабети“.
Без задршка Бубо со нашиот Мишко Иванов, дискутираше на повеќе теми, како започнала неговата кариера, како научил да пишува на машина за куцање, како започнала идејата да се прават скечовите, дали било тоа бизнис идеја или пак спонтан проект, но и колку пари пристугнуваат на сметката на „К-15“ само од реклами.
Слушнете што има да каже Каров за тоа како започна целата приказна со скечовите и со колку финансии го почнаа овој се уште мега популарен телевизиски проект, чии скечови се уште се гледаат и се уште се дискутира за нив како вчера да се снимани.
- Со идеја да правиме пари, ниеден проект не сум тргнал да биде за правење пари. Сите ние почнуваме да работиме за плата, сум настапувал на тезги, на настапки, и сум заработувал од млади години. Кога дојдов во Скопје, работев за плата, купував стан, правев куќа, па парите се неопходни...
Ова ме потсети на една анегдота со наш колега. Снимаат емисија и додека ја снимаат, се обраќа во камера и вика, почитувани гледачи, нашите телефони постојано ѕвонат, вие се јавувате и сакате да се вклучите во емисија, но ние не можеме да ве вклучиме, бидејќи нашиот разговор е снимен – вели Каров.
Но, потоа појаснува дека со неговите партнери Бранко и Васко, веќе биле пријатели и уште додека работеле во Македонска телевизија имале некакви идеи и имале оформено ликовите со истите имиња кои подоцна станаа легендарни телевизиски ликови. Каров раскажа како најпрво се споиле како музичка група, и како настана популарната песна „Градинарот цвеќето го расте“, песна која преку ноќ стана вистински хит и која иако имало отпор да се сними, остна запаметена долго време по објавата.
- Во тој период песните ги снимавме кај Валентино Скендеровски, и кога му кажавме дека оваа песна сакаме да ја снимиме, тој ни рече, вакво нешто јас не снимам. Одвај го намоливме да го снимиме, и таа веднаш стана хит. Така се споивме и потоа започнавме со снимање на емисиите, кои на почетокот се емитуваа на А1 телевизија. Знаете како е на почеток, поплнувавме време, но кога емисијата стана хит, тогаш веќе состојбите се подобрија. Термините за реклами однапред се пополнува, па дури кога ни бараа термин за реклами велевме, нема веќе, ако сакате следната сезона. А луѓето зачудени ни викаа, е како бе следна сезона, што се замислувате вие. А кога ќе побараа, откако ќе почнеше сезоната со емитување, повторно термините беа пополнети – раскажува Каров низ смеа.
Деталите од овој разговор може да го видите во продолжение, во целиот денешен поткаст „Бизнис муабети“ на Фактор.
