Како се градеа стратешките односи со САД и кои се следните чекори?
Од победата на американскиот претседател Доналд Трамп на изборите во САД односите со Македонија се подигнати на повисоко ниво, а македонските челници остварија повеќе посети на Вашингтон. Исто така Македонија застана зад САД во Обединетите нации со поддршката за повеќе резолуции на американската надворешна политика, па дури не се колебаше да застане зад Вашингтон кога и Европа имаше свои паралелни резолуции. Но, дали овој влог на македонската надворешна политика навистина е правилен за курсот на земјата и што може да се очекува од таа соработка.
Соединетите Американски Држави се несомнено најважниот партнер на Македонија од почетокот на нашата независност во 1991 година. САД направија повеќе потези кои беа за поздравување, а кои официјално Скопје добро ги памети. Меѓу нив беа официјалното признавање на Македонија под нејзиното тогашно уставно име и силната поддршка за членство во НАТО со официјалната покана од американскиот претседател Џорџ Буш на Самитот на алијансата во Букурешт 2008 година. Бидејќи Грција стави вето на поканата за членство, истата година беше иницирано Стратешкото партнерство кое беше потпишано во Вашингтон во мај 2008 година.
САД ја поддржа македонската држава преку бројни вложувања во институционалниот развој во износ од над 1 милијарда долари, но домашните политички елити не ги оправдаа очекувањата, особено со заробувањето на правосудството и широкораспространетата корупција.
САД интервенираа со проширување на нивните црни листи со имиња од македонската политичка елита, но и тоа не беше некогаш доволно за истите функционери и бизнисмени да се соочат со вистински кривичен прогон во Македонија. Како што наведуваат американските дипломати и покрај вложените околу 500 милиони американски долари за реформи во правосудството резултатите се катастрофални и токму борбата со корупцијата и владеењето на правото се теми кои повеќе не смеат да се игнорираат.
Стратешки дијалог: Можност која не смее да се пропушти
Следната фаза во односите меѓу САД и Македонија ќе биде одржувањето на Стратешкиот дијалог на владино ниво во Вашингтон во април каде се очекува да се разговара за унапредување на соработката во безбедноста и одбраната. Тоа би подразбирало дополнително модернизирање на македонската армија согласно НАТО стандардите, сајбер заштита од хибридни закани и унапредување на сајбер инфраструктурата, инвестиции во енергетиката за намалување на зависноста од руски енергенси преку гасоводот со Грција за набавка на течен природен гас од американско производство и од нивните сојузници, како и поддршка за реформите во правосудството.
Исто така треба да се допрецира Рамката за реципрочна, фер и избалансирана трговија, односно кои стоки од Македонија ќе може да се извезуваат во САД по 0% царини откако Македонија се обврза да ги укине царините за американски индустриски и земјоделски производи.
Во услови на блокирани евроинтеграции, односите со САД се единствен баланс во поглед на поврзаноста со македонските стратешки партнери, но тоа треба и добро да се процени дали во вакви услови на неизвеснот на глобалната политичка сцена, особено во односите внатре во НАТО меѓу САД и Европа, е всушност ризик или можност.
Х.С.