КАКО САД КОИ СЕ НА ИЛЈАДНИЦИ КИЛОМЕТРИ ОТТУКА ДОШЛЕ ДО НАОДИТЕ ЗА МЕРКО, А НЕ ДОЈДОА НАШИТЕ ОРГАНИ - премиерот Ковачевски со сериозно прашање
Според премиерот Димитар Ковачевски, ставањето на струшкиот градоначалник на американската црна листа, е само уште една потврда дека на истражниот и правосудниот систем на државата му е потребен ремонт. Прашан дали ќе бара од советничката група на СДСМ во Општина Струга да му ја откаже поддршката на градоначалникот Мерко, премиерот со став дека околу тоа добро ќе треба да размислат сите советнички групи во општината.
Истражните и правосудните органи во земјава ќе треба да ги испитаат наводите на кои се заснова одлуката на Соединетите Американски Држави за ставање на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на „црна листа“ и да се запрашаат како САД дошле до такви сознанија, но не и нашите органи, се двете пораки што денеска ги упати Ковачевски, а кои, според него, произлегуваат од вчерашното соопштение на Стејт департментот.
„Вчера го прочитав соопштението на Стејт департментот и можам да извлечам неколку клучни пораки. Прво САД се нашиот стратешки партнер од првиот ден на нашата независност и тие помагале, помагаат и ќе помагаат во најразлични сфери на нашето општество особено во делот на владеењето на правото, борбата против корупцијата и јакнењето на институциите. Второ наводите кои се наведени како основ за ставање на црна листа на градоначалникот на Струга и неговото семејство се сериозни. Станува збор за неколку основи и од тоа пораката е дека нашите институции, зборувам за истражните и правосудните органи треба да ги испитаат наводите кои се наведени во самото соопштението на Стејт депратментот. Исто така треба да се запрашаат и тоа како Соединетите Американски Држави дошле до такви информации на коишто ја базирале својата одлука, а се наоѓаат на неколку илјади километри од тука, а нашите органи не дошле до такви податоци во текот на сите изминати години“, рече премиерот одговарајќи на новинарско прашање.
Ова, како што додаде тој, е само уште една потврда дека на истражниот и правосудниот систем на државата му е потребен ремонт, став кој премиерот го искажа и вчера, прашан за најавата на министерот за правда Кренар Лога дека ќе има разговори со опозицијата за распуштање на Судскиот совет по последните контроверзни случувања во ова тело.
Инаку, Рамиз Мерко е кадар на Демократската унија за интеграција (ДУИ) која е коалициски партнер на СДСМ и на централно и на локално ниво. Американскиот Стејт депаратмент вчера соопшти дека го прогласува градоначалникот на Струга за неподобен за влез во Соединетите Американски Држави поради вмешаност во значителна корупција. Во образложението на Стејт департмент се наведува дека Мерко како градоначалник на Струга присвоил средства и се мешал во судските и во другите јавни процеси, притоа нанесувајќи ѝ штета на вербата на јавноста во демократските институции и функционерите на Северна Македонија.
„Оваа ознака ја потврдува посветеноста на Соединетите Држави за борба против корупцијата, која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефикасно да одговорат на потребите на својот народ“, соопштија вчера од американскиот Стејт департмент.
