Економија, финансии, бизнис

Контакт

КАКО ПРОТИВ ПИРОМАНИТЕ? Има лек!

КАКО ПРОТИВ ПИРОМАНИТЕ? Има лек!

Додека надлежните институции уверуваат дека состојбата со пожарите кои со денови голтаат илјадници хектари шума се нормализира, дел од стручната јавност повикува на одговорност и поригорозни казни за потпалувачите.

Деканот на Шумарскиот факултет, проф. Кирил Сотировски вели дека забраната за движење низ шума не е задоцнета. Според него ќе им олесни на надлежните служби полесно да контролираат, а во принцип и ќе се оневозможи на намерните потпалувачи да поминат незабележани односно да можат да доаѓаат во шума и во за нив погоден момент да дејствуваат. Но според она што лично го забележал на терен и според информациите во медиумите се сомнева дека повеќето од пожарите се намерно потпалени.

“Оваа мерка за забрана на движење низ шумите не е задоцнета. Јас би предложил и порадикални мерки - јавно објавување на предвидени казни, а доколку нема законска основа за тоа, ИТНО ставање во правна процедура за оние кои ќе бидат затекнати во шума без посебни дозволи” – вели професорот Сотировски.

Според него потребни се засилени контроли за движењето низ шумите не само за посетителите туку и за вработените.

“И, уште повеќе, дури и би вовел и дневник на движење низ шума
на вработените во шумарството кои по природа на работата мора да се
движат низ шума. Ова е оттаму што сметам дека е можно луѓе вработени во
шумарството или во врска со шумарството да се потпалувачи”- додава деканот на Шумарскиот факултет.

Во меѓувреме низ државата се активни десетина пожари. Последен во низата беше пожарот во скопско Катланово каде изминатата ноќ на терен беа противпожарните екипи. Сеуште е алармантна состојбата во околината на Македонски Брод, во прилепско-битолскиот реон и во тетовско. Секоја година заради пожари и сечење на шумите земјата губи голем дел од своите шуми.

Експертите велат дека за неколку недели е уништена шума која беше резултат на повеќедецениски раст. Иако скоро секое лето сме сведоци на појава на бројни шумски пожари, допрва ќе треба да се пресметуваат штетите и како истите да се надоместат. Имајќи ја предвид против- пожарната превентива, на терен како што велат дел од познавалите нема доволно добра операционализирана соработка помеѓу одговорните институции

Од досегашните искуства во текот на годината се појавуваат два максимума за појава на шумски пожари во период април-мај и август-септември, со што се актуелизира потребата во овој период да се засилат превентивните мерки за заштита од шумски пожар, бидејќи пошумувањето е комплексен процес за повторно да се врати изгубениот шумски фонд.Најмалку четири до пет години по засадувањето дрвца, според познавачите се врши пополнување. обновување и заменување на неприфатената садница со нова.

С.Б.

Слично

Поврзани вести