„КАКО МОЖЕТЕ МИРНО ДА СПИЕТЕ“: СДСМ ја обвинува министерката Јаневска за хаос со образовните асистенти
Опозициската СДСМ денеска со остра реакција на најавите за ангажирање на нови лица за образовни асистенти. Обвинуваат дека промените се на штата на учениците и дека единствена „квалификација“ е партиското членство.
- Министерката Весна Јаневска свесно направи хаос со образовните асистенти – директно на штета на учениците со попреченост и нивните семејства.
Наместо да ги продолжи ангажманите на едуцирани, обучени и искусни образовни асистенти кои со години посветено работеа со децата, Јаневска ги избрка и ги замени со партиски кадри. Единствената „квалификација“ на новите асистенти е партиска книшка на ВМРО-ДПМНЕ!
Со промени во правилниците, Јаневска го поништи значењето на работното искуство, обуките, знаењето – и отвори врата за политички вработувања. Ова е најгруб пример на партизација на образованието, на сметка на најранливите - истакнуваат опозиционерите во соопштението испратено до медиумите.
Потоа додаваат дека ваквите одлуки се одраз на „погрешниот приоритет на ВМРО-ДПМНЕ – наместо грижа за децата, грижа за партиската војска!“.
- Јавно ја прашуваме министерката Јаневска – како можете мирно да спиете знаејќи дека на 1 септември стотици деца со попреченост нема да го добијат својот асистент, лицето со кое учеа, се смееја и напредуваа?
СДСМ бара итна:
Ревизија на огласот за образовни асистенти,
Враќање на професионалците со искуство и едукација,
Целосна департизација на образовниот систем.
Образованието мора да биде надпартиска и хумана мисија. Ова не е борба за функции – ова е борба за достоинство, за децата и за нашата иднина - потенцираат од СДСМ на крај од соопштението.
