Како Министерството за финансии го зголеми долгот во државни хартии за 60 дена ?
Официјалните податоци на Министерството за финансии покажуваат дека од крај на ноември лани до крај на јануари годинава државниот долг во записи и обврзници кумулативно е поголем за 319,75 милиони денари односно 5 милиони евра. Министерството позајмило и го зголемило долгот кај 4 хартии од вредност и тоа за 4,153 милијарди денари, а го намалило долгот кај 2 хартии од вредност за 3,835 милијарди денари.
Вкупниот долг на државата односно на нас даночните обврзници изразен во државни хартии од вредност (записи и обврзници) на 29 јануари годинава изнесува 92,58 милијарди денари денари, објави Министерството за финансии. Во споредба со последните јавно достапни податоци кои исто така ги објави министерството долгот изразен во државни хартии од вредност на крајот на ноември лани изнесувал 92,26 милијарди денари. Реално државниот долг во хартии во вредност е зголемен за повеќе од 5 милиони евра за 60 дена.
Колку е зголемен долгот и каде?
Официјалните податоци покажуваат дека Министерството за финансии го зголемува задолжувањето на државните обврзници со рок на отплата на 15 години, на 10 години и на 3 години и кај државните записи со рок на отплата од 6 месеци. Вкупно кај четирите типа обврзници и записи за 60 дена долгот е зголемен за 4,153 милијарди денари односно 63,7 милиони евра.
Што вратиле со новото задолжување?
Фокус во враќање долг е ставен кај годишната обврзница со рок на отплата од пет години. Во последните 60 дена (од 30 ноември 2017 година до 29 јануари 2018 година) Министерството за финансии вратило 2,71 милијарда денари односно 43,9 милиони евра кај оваа обврзница. Уште 1,125 милијарди денари односно 18,23 милиони евра се вратени кај државните записи со рок на враќање од 12 месеци.
Податоците за задолжувањето водат кон заклучок дека стратегијата на Министерството за финансии е задолжување на долг рок. Тоа во принцип носи пониска каматна стапка, но повеќе пари за отплата токму заради рокот на враќање.

