Како Мицкоски не ја повтори првата грешка на Груевски – Реконструкција наместо предвремени избори
Првиот мандат на Никола Груевски и првиот мандат на Христијан Мицкоски имаат неколку историски паралели од кои може да се извлечат интересни политички лекции. Сега, како и тогаш Владата е составена од коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ. Тогаш Груевски направи владина коалиција со партија составена од поранешни членови на СДСМ во субјектот НСДП предводен од Тито Петковски, како и албанска партија која е спротивставена на ДУИ, односно ДПА на Мендух Тачи. Разликата на две години од мандатот на Груевски е што сега Мицкоски успева да оддолее на предизвикот за предвремени парламентарни избори и одбива да го факторизира притисокот на ДУИ за недостиг на „легитимитет“ кај Албанците.
Првите две години од владеењето на Никола Груевски се сметаат за своевидна политичка револуција во Македонија, бидејќи на власт дојде како технократско решение, настапувајќи со портокаловата боја пред изборите во 2006 година, во обид да ги привлече и неутралните гласачи, наместо само „тврдокорното“ членство.
Во тоа делумно и успеа бидејќи неговата влада беше поддржана од НСДП на Тито Петковски, партија која се создаде со одметнување на кадри од СДСМ и левицата. Тогаш се уште беа свежи последиците од воениот конфликт во 2001 година, и ВМРО-ДПМНЕ стоеше цврсто на ставот дека нема да коалицира со „терористи“, алудирајќи на ДУИ која беше основана од политичкото крило на ОНА (УЧК).
Но, веќе во 2008 година Груевски се соочи со првиот посериозен предизвик. Неговото владеење беше остро оспорувано од ДУИ кои се претставуваа како победници на изборите кај албанските гласачи и ги блокираа постапките за кои беше потребно Бадентерово мнозинство. Исто така и НСДП му го сврте грбот на Груевски, со што беше отворен патот за распуштање на Собранието.
Многу важен детаљ кој беше катализатор на падот на првата влада на Груевски е секако фамозниот Самит на НАТО во Букурешт, каде Грција за првпат официјално го употреби инструментот вето против Македонија поради спорот за името. Но, налетот на националниот отпор на македонскиот народ му даде ветер во грб на Груевски кој се „осоколи“ и веќе на предвремените парламентарни избори во 2008 година победи со апсолутно мнозинство.
Сепак, од овој процес не излезе целосно триумфален, бидејќи како прво ја изгуби поддршката кај дел од прогресивните сили кои повеќе во него не гледаа реформатор, туку националист и популист во најава, а како второ беше принуден да го потпише т.н. Мајски договор со ДУИ каде беше воспоставен принципот коалиција на „победник со победник“, беше финализирана амнестијата на Хашките случаи од 2001 година, и беше отворен патот за двојазичноста.
Ако се повлече историска паралела, Христијан Мицкоски сега има комотен рејтинг да излезе повторно на предвремени избори, да победи можеби и со апсолутно мнозинство и на крај да направи договор со Ахмети и ДУИ што ќе му овозможи и непречено Бадентерово мнозинство во Собранието.
Но, наместо да оди на избори, Мицкоски се реши на реконструкција на Влада, операција која нема никаква посериозна политичка импликација, а притоа ги задржува па дури и ги зацврстува постоечките темели на владината коалиција.
Мицкоски вложи сериозен политички капитал во ВЛЕН, и не дозволува да и се случи истото сценарио како на ДПА, ниту пак дозволува да се факторизираат барањата на ДУИ бидејќи и тие самите веќе еднаш го прекршија принципот „победник со победник“, ако се гледа чисто само изборниот резултат и финалниот број на пратеници.
Од друга страна Мицкоски е соочен со вето, но овојпат од Бугарија и неговото цврсто одбивање да се прифати ултиматумот за уставни измени за забрзани евроинтеграции може да му донесе политички отпор од прогресивните сили. Но, за такво нешто потребно е вистинско лидерство во опозицијата. Со оглед на актуелните поделби во СДСМ практично и да не постои активна и организирана прогресивна опозиција која му се спротивставува на Мицкоски, освен што повремено ќе излезе некој поединец и на јавен простор ќе тврди како „Северна Македонија треба час поскоро да ги прифати уставните измени“, а со тоа да предизвика и контра-ефект.
Мицкоски исто така отиде „all in“ во политичкиот конфликт со Ахмети и ДУИ, и било каква промена на овој план ќе значи вложување на огромни „вратоломии“ во нејзино претставување пред јавноста како исправен потег. Исто така никој не може да предвиди каква би била политичката цена која Мицкоски ќе треба да ја плати, доколку се реши да ги земе ДУИ во коалиција наместо досегашниот партнер ВРЕДИ (ВЛЕН).
Во неколку наврати посочувавме дека Христијан Мицкоски според актуелната политичка мапа е најкомотниот премиер можеби во македонската историја, дури покомотен и од првите години во владеењето на Никола Груевски. Предвремените избори секогаш се во игра, и тоа никогаш не го негирал премиерот, но и нема сериозен и реален притисок да се согласи за ново изборно соочување кое може да донесе и многу непредвидливи околности, иако некогаш можната награда го оправдува високиот ризик.
Х.С.