Економија, финансии, бизнис

Контакт

КАКО ЌЕ РАБОТИ ГОБ „8 СЕПТЕМВРИ“ БЕЗ СТРУЈА?: „Дел од пациентите ќе бидат презакажани, но нема да има целосен прекин во функционирањето“

КАКО ЌЕ РАБОТИ ГОБ „8 СЕПТЕМВРИ“ БЕЗ СТРУЈА?: „Дел од пациентите ќе бидат презакажани, но нема да има целосен прекин во функционирањето“

За денеска е најавен четиричасовен прекин на електрично напојување на градската општа болница во Скопје, ГОБ „8 Септември“, а како што известија од ЕВН Македонија, во периодот од 9.30 утринава, до 13.30 ќе има планирани технички активности во електродистрибутивната мрежа. Сепак, директорот на болницата, д-р Христијан Костов за Фактор потврди дека и во такви услови, оваа здравствена организација ќе функционира. Вели нивните работни задачи ќе бидат со намален капацитет, но нема да има целосен прекин во работењето.

-Ние сме подготвени да работиме и покрај најавениот прекин на струјата. Имаме пет нови агрегати кои може да функционираат 24 часа. Резервоарите со нафта се полни, што е основно да функционираат агрегатите. Освен тоа имаме посебна електична шема според која ќе се раководиме, на пример штекерите во кои ќе може да се приклучуваат апаратите се обележани со црвено, појаснува д-р Костов.

Истовремено детално објасни како ќе изгледа денешниот ден, посочувајќи прецизно кои одделенија нема да останат ниту за момент без струја.

-Од петте сали во кои се извршуваат оперативните зафати, ќе функционираат четири. Сите четири одделенија за интензивна нега, односно интензивни лекување нема во ниту еден момент да останат без електрично напојување. Сосема нормално ќе функционира и Ургентниот центар, И денеска ќе се прават рентген снимања, односно ќе работи еден рентген апаратот, како и еден апарат за компјутерската томографија, нагласува директорот на ГОБ „8 Септември“.

Д-р Костов вели дека ова се вонредни услови заради кои најверојатно нивниот капацитет на работа ќе биде отежнат, и дека сепак дел од пациентите кои нема да успеат да ги прегледаат ќе бидат презакажани за во понеделник.

-Доколку не успееме да ги завршиме сите прегледи, дел од пациентите ќе бидат презакажани за в понеделник, односно ќе добијат нови термини. Размислуваме и евентуално да организираме попладневна смена откако ќе ја пуштат струјата. Освен тоа, низ целата боница има нужни светла кои ќе бидат во функција за да не биде темно низ ходниците, одделенијата и болничките соби, посочува Костов во изјава за Фактор.

Анита Буховски


Слично

Поврзани вести