Како ќе „игра” македонската опозиција по декретот на Бајден?
Која е
директната порака на претседателот Бајден и американската администрација за
нова серија на санкција против политичари и поединци кои ќе ги загрозат сите
американски договори на Балканот вклучувајќи ги и Охридскиот мировен договор и
Преспанскиот договор? Анализираме со Иво Ранѓеловиќ, политиколог и економист
дипломиран на Бостонскиот универзитет, а магистрирал политички науки на
Универзитетскиот колеџ Лондон.
- Јас би ја нарекол пораката прагматична, повеќе отколку директна. Оттаму, во декретот на претседателот Бајден гледам јасна проекција на американската политика, интерес и присуство. Намената е таа, а не казнување на поединци или партии. Посочивте во прашањето дека Охридскиот и Преспанскиот договор се ,,американски’’ договори, што им дава за право да ги бранат истите, зар не?
Само како надоврзување, извршната наредба на Бајден не опфати конкретни лица ниту партии, што всушност ни дава дознаење дека важноста на пораката цели кон повторното присуство на САД во регионот. Во таа причинско-последична врска, санкционираните лица или партии се последица, но не и причина за извршните наредби од овој тип, вели Ранѓеловиќ.
Дали ќе има промена во курсот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ која и во кампањата најавуваше "чекор назад" од Преспанскиот договор, можно ли е ако продолжат во тој манир да бидат ставени на цената листа на САД. Тука секако е и Левица чиј пратеник Апасиев самиот се "пријави". Како оваа динамика ќе влијае на опозициското дејствување базирано на противењето на промената на името?
Многу е лесно да го браните името од опозиција. Но, таквата привилегија завршува кога станувате позиција. Тогаш пред вас се појавува пејзажот на реалноста во кој изостанува факторот Македонија, а со тоа и просторот за манипулација. Затоа сметам дека курсот на дејствување е лесно предвидлив. Од друга страна, суштината на тоа дали некој поединец или организација ќе биде ставен/а на црна листа е во тоа што таквиот чин ја оцрнува државата, без притоа да го поштеди општеството. Во таква констелација на нештата, најмалку е важен личниот интегритет или ако сакате личното мислење на оние кои ќе се најдат на самата листа, смета Ранѓеловиќ.
Бајден си постави цел да ги возобнови сите традиционални партнерства и сојузи со европските земји и пошироко во Пацификот кои беа загрозени или засладени во ерата на Трамп. Дали враќањето на САД на европско тло вклучувајќи го и Балканот како сфера на влијание е мотив за ваков вид на декрети и кои следни потези може да ги очекуваме?
Уште во изборната кампања претседателот (тогаш кандидат) Џо Бајден јасно, би рекол и самоуверено, го најавуваше враќањето на САД во сите големи политички процеси на глобалната сцена. Она што го привлекува вниманието на науката денес, а во делот на декретите, е дискурсот по кој дејствува Бајденовата администрација. Веројатно експерти од типот на John Mearsheumer или пак Kenneth Waltz би рекле дека Бајден дејствува низ призмата на реалполитиката и ги растегнува мускулите на американскиот хегемон низ ваквите декрети. Сепак, обележје на Бајденовата доктрина во контекст на прагматичноста е борба против популизмот со користење на мерки од ист карактер. Конкретно, во цитирањето на Охридскиот и Преспанскиот договор тој изцртува контури на дуализам, поделба помеѓу ,,нас’’ и ,,нив’’ како што тоа умешно го правеа апологетите на многу влади на Балканот. Едноставно, го соголува популизмот со популистички мерки. Таквиот одговор создава конфузија, но и терен за конкретни решениа на теми како што се македонско-бугарските односи, дијалогот помеѓу Белград и Приштина и пркосот на Турција кон Западот, оценува Ранѓеловиќ.
Некои аналитичари велат дека САД индиректно испраќа порака и до Бугарија за почитување на американските планови и договори кои нужно опфаќаат македонско членство како во НАТО така и во ЕУ. Може ли да се очекува некаква дипломатска офанзива за Бугарија да седне на маса и најде конечен договор со Македонија. И дали тоа за нас би значело нови компромиси?
Не постои простор за решение на спорот помеѓу Бугарија и Македонија без американска дипломатска офанзива. Првата причина за тоа е што спорот е апсурден и е наметнат можеби со цел да не биде воопшто решен, а конвенционалните методи на ЕУ за справување со Бугарија се ограничени. И втора причина (не по хронологија) е што овие две држави не се спремни да решаваат спорови во духот на дипломатијата. Имено, Македонија нема политички консензус на точка Бугарија и влегува ослабната во преговорите. Од друга страна, целта на Бугарија е да извлече сосема нешто друго од ЕУ како компензација за евентуалното кревање на ветото. Затоа сметам дека за држави со вакви размислувања, компромисот е луксуз. Следствено на ова, вклучувањето на САД во решавањето на спорот помеѓу двете земји веројатно ќе придонесе за конечно кревање на ветото врз база на компромис со кој двете страни ќе бидат незадоволни, заклучува Ранѓеловиќ.
Х.С.