„Како е одлучено која фирма ќе организира државна манифестација, без јавен повик, без тендер?“: опозиционерите бараат одговори за настапот на Гета
Најавата на Владата дека познатиот француски ди-џеј Дејвид Гета ќе настапи во Скопје во рамки на прославата за 35 години од независноста на Македонија отвора огромни сомнежи и прашања кои власта мора да ги одговори.
Ова го посочуваат од Социјалдемократскиот сојуз *СДСМ) од каде истакнуваат дека „прво и најважно прашање е колку тоа ќе ги чини граѓаните на Македонија“.
- Се најави концерт на стадион, а не се спомена хонорарот, колку тоа ќе ги чини граѓаните. Настапот на Дејвид Гета чини најмалку 1 милион евра. Само за него.
Ако на тоа се додадат бини, озвучувања, обезбедување, придружни актери и така натаму сумата значително се зголемува.
Прашањето е како е донесена одлуката да се потрошат над 1 милион евра? Во четири очи? Кој преговарал? Со која фирма е склучен договорот?
Авалон фирмата којашто ја најавува владата е со блокирана сметка и на листата на должници на УЈП. Како е одлучено токму таа фирма да организира државна манифестација, без јавен повик, без тендер.
Дополнително, вакви артисти бараат и авансна исплата од 30%. Прашање е дали се исплатени парите и на кој начин.
Се најавуваат и останати 120 артисти. Кој одлучува кои артисти ќе бидат донесени? - прашуваат од опозициската партија.
Потоа додаваат дека „се шпекулира во круговите на фирмите кои се занимаваат со ваква организација дека сумата што е договорена е над 3 милиони евра а може да достигне и до 5 милиони евра“.
Поради ова од СДСМ велат јавноста и граѓаните очекуваат одговори, особено младите кои немаат топла вода по студентските домови, немаат храна и глувци им се шетаат по собите, а за нив пари нема.
- Дајте им на студентите пари, дајте 5 милиони евра за средување на условите за студентите, па студентите без глувци и со топла вода ќе го слушаат Дејвид Гета каде сакаат секој ден.
Ова се огромни пари за кои Владата мора да одговори. Ние не сме против Дејвид Гета, ние сме против криминалот и корупцијата. Не смее да се дозволи, криминалната група на власт и Денот на независноста да го валка со матни пари, провизии и договори во четири очи - нагласуваат од СДСМ.
