КАКО ДА СЕ СПРЕЧИ СЕКСУАЛНАТА ЗЛОУПОТРЕБА НА ДЕЦА ПРЕКУ ИНТЕРНЕТ - МВР стартува со кампањата „Кажи не!“
Како децата да се заштита од злоупотреба на нивни фотографии или видеа на интернет.
„Кажи не!“ е името на новата кампања во која ќе учествува и нашето Министерство за внатрешни работи.
Сексуалната злоупотреба на деца на Интернет остава далекусежни последици врз жртвата, која мора да живее со сознанието дека фотографиите и видеата добиени преку злоупотреба на довербата може да се шират на Интернет во секое време и да бидат достапни за секого.
„Затоа, во соработка со полициите во регионот и Европол, спроведуваме кампања чија цел е да им укажеме на децата и младите на опасностите и последиците што можат да произлезат од комуникацијата со странци на Интернет“, се вели во соопштението од МВР.
МВР во соработка со Европол и полицијата на Хрватска, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, започна меѓународна кампања „Кажи не!“ Според Европол, за време на епидемијата, побарувачката за снимки од сексуална злоупотреба на деца се зголемила за 25 проценти во некои земји-членки на ЕУ.
За време на епидемијата, повеќето луѓе ја зголемија комуникацијата преку интернет, и како резултат на тоа, и криминалците се прилагодија на новиот начин на живот. Сексуалната злоупотреба може да се случи уште побрзо преку интернет, бидејќи сторителите брзо и анонимно пристапуваат до децата и младите преку каналите за разговор, веб-страниците и социјалните мрежи.
„Сексуалната злоупотреба на деца е сериозно кривично дело што има далекусежни последици за жртвата, така што борбата против сексуалната злоупотреба на деца е приоритет и за нашата држава и за Европската унија. Затоа, во соработка со Европол и полициите на повеќе балкански земји сакаме да ја подигнеме свеста и да спречиме вакви криминални дела“, се вели во соопштението од МВР.
