Економија, финансии, бизнис

Контакт

КАКО ДА СЕ ИЗБОРИМЕ: Најстресни се професиите кои вклучуваат работа со луѓе и бараат голема одговорност

КАКО ДА СЕ ИЗБОРИМЕ: Најстресни се професиите кои вклучуваат работа со луѓе и бараат голема одговорност

Најстресни професии се оние кои се примарно насочени кон работа со луѓе, работни места кои бараат голема одговорност и управување со голем број на луѓе.

Психологот Лариса Стојковиќ Трајкоска вели дека тешките работни задачи, кратките рокови за нивно извршување, барање да се завршат повеќе работи во исто време, недефинираните приоритети, лошата комуникација, недоволно мотивираните вработени  се најчестите причини  кои влијаат како стресори на работното место.

„Стресот е природна човекова реакција  која нè поддржува да се справиме со предизвиците  како и  состојба на загриженост предизвикана од тешка ситуација. Стресот е склоп на емоционални и телесни реакции до кои доаѓа кога некој настан го проценуваме и доживуваме како опасен или вознемирувачки. Тогаш се ангажира целиот организам и доаѓа до активација  и хиперактивација на кардиоваскуларниот систем, нервниот и ендокриниот систем.  Може да се манифестира со различни физички тешкотии, главоболка, изразена напнатост на  мускулите  на вратот и грбот, тресење на рацете, промените на кожата, стомачни симптоми, чувство на гушење, срцебиење..... Доколку стресната состојба е пролонгирана, кога организмот е проптоварен во подолг временски период, може да дојде до психосоматски болести, кои преставуваат телесни заболувања предизвикани од психички причинители, како и инфаркти и мозочни удари. Психолошкиот стрес е широко дефиниран  како  состојба на емоционално измачување окарактеризирано со симптоми на бес, анксиозност, страв и депресија. Стресот е синоним за начинот на живот на модерниот човек“, вели Стојковиќ Трајкоска.

Но, луѓето треба добро да размислат што е тоа што им предизвикува стрес и да работат на минимизирање на ефектите.  Психологот вели дека истражувањата наведуваат дека стресот може да се совлада со добра физичка кондиција, позитивни мисли,  социјални вештини, флексибилност на поединците, социјалната поддршка и материјалните способности. 

„Како ќе реагира на одредена дразба  и како ќе ја доживее дразбата поединецот  зависи од неговите индивидуални сваќања. Одредени поединци, одреден стресор го доживуваат како предизвик, а други како нешто застрашувачко и стресно. Најефикасен начин на редукција на стрес  е  промена на односот на тоа што не стресира. Промена на животната филозофија која стои во основата на нашите однесувања и емоционални реакции воедно преставува најзначаен фактор за редукција и справување со стресот. Потребно е да се преиспита личниот однос кон она што ни се случува на работа и да усвоиме конструктивна животна филозофија“, додава психологот.

Стресот може да се намали и ублажи со адекватно мотивирање и наградување, овозможување социјална поддршка, давање на поголема слобода во работата, сигурност  против губење на работно место, овозможување работниците да влијаат врз промените во  организацијата, градење на доверба кај соработниците.

„Уметноста на живеењето се состои во тоа да научиме да живееме добро и успешно и покрај стресот, а не без стресот. Пред сè е потребно да се направи  граница помеѓу  личниот  и професионален  живот и да се трудиме да  постојано го  збогатуваме нашиот живот во сите аспекти.  Работата е само еден аспект од  живот и како ќе влијае врз нас зависи кое значење индивидуално секој од нас  ќе ѝ го даде.  Во интерес на нас е да пристапуваме на проблемите како да се предизвик. Да бидеме флексибилни и да имаме повеќе перспективи на гледање  на проблемите.  Да се поддржуваме  да учиме нови начини на решавање на проблемите. Поставување на граници и учење да се каже „не“,  кога сме преоптоварени и кажување ,,да“  кога имаме потреба да задоволиме некоја лична  потреба.  Да се трудиме да живееме во сегашноста,  сега и овде. Да се грижиме за себе, да се храниме здраво, да си дадеме време за одмор, за се трудиме да имаме доволно сон, да  издвоиме време за релаксација и она што нас нè исполнува. Да се поврзуваме и во најтешките моменти со луѓето околу нас. Внесете во вашето секојдневие хумор, нови содржини,  збогатете го својот живот со  уметност,  одржувајте  ја љубопитноста.  Ако сте се обиделе да влијаете  на многу од овие начини, а вашата работа сè уште  е извор на стрес, тогаш истражувајте што е она што ви е потребно во сегашниот момент. Кое е вашето  ново работно место?“, вели Стојковиќ Трајкоска.

Се смета дека стресот на работното место е причина за чести отсуства од работа. Граѓаните имаат различни искуства.

„Работев 23 години. Се соочував со стрес, дури и еднаш завршив во болница, ми се јавија компликации. Дел од работничките беа толерирани, добиваа полесна работа и сето тоа создава стресови. При покачување на платите имаше провокации од колегите. Ако некој е на боледување, друг има смртен случај, па не дошол на работа, се трупаше таа работа на останатите“, додава Зорица М. граѓанка.

Лошата работа атмосфера е вистински товар за работниците.

„Јас сум невработена, но немав големи проблеми со стресот на работа, затоа што кратко време работев“, објаснува Ивана П. граѓанка.

Сепак, има и луѓе кои поседуваат повисок праг на толеранција и полесно се справуваат со стресот.

„Тоа што се случувало на работа, останува таму. Проблемите не ги носев дома“, вели Сања Р. граѓанка.

Скоро половина од европската работна популација е со став дека стресот е честа појава на нивното работно место. Речиси секој четврти работник се соочува со стресот на работното место. 

Сања Атанасовска

foto freepik.com

Слично

Поврзани вести