„КАЈ НАС ПОСТОИ СОМЕНЖ ЗА ДИВЕРЗИЈА, ФРИЖИДЕРОТ И КОМОРАТА СЕ ИСКЛУЧЕНИ ДИРЕКТНО ОД БУШОНИ“: Таму се чувале тестови и за голема кашлица
Кај нас постои
сомнеж за извршена евентуална диверзија во Институтот на јавно здравје во текот
на вчерашниот ден, дали е тоа сето така, нормално, оставаме на институциите на
системот да го истражат, истакна денеска директорката на институтот, Марија Андоновска,
која само пет дена ја извршува директорската функција.
Таа рече дека во фрижидерите што некој ги исклучил вчера имало и реагенси за голема кашлица.
- Се работи за еден фрижидер и се работи за една комора во посебна соба. Како што сум известена, во овие фрижидери т.е. во оваа комора, се чуваа доста значајни реагенси што би детектирале низа на заболувања. Ние при самото наше доаѓање, констатиравме дека се исклучени директно од бушони - има две разводни табли во тој ходник, а во тој ходник поминуваат сите коишто работат во овој дел. Отворени се разводните табли, тоа е претпоставка, повторно ќе кажам, ние оставаме тоа да се испита дали е сето така, дали е случајно, дали е намерно, појасни Андоновска.
Таа рече дека детекцијата е најважна за да се даде соодветен третман, терапија или лекување, па затоа реагенсите се значајни.
- Овие две разводни табли каде што практично беше исклучен осигурувачот, се разводни табли каде што има стотина осигурувачи. Беа спуштени само оние коишто се поврзани со фрижидерот. Ние случајот уште во текот на вчерашниот ден го пријавивме до надлежните институции и јас искрено верувам дека тие ќе си ја завршат својата работа, ќе констатираат дали ова е навистина диверзија направена или е случајност, истакна таа.
Моментално се проверуваат реагенсите дали се оштетени.

- Во текот на денот јас ќе имам официјален стручен извештај, ќе можам исто да го проследам до вас, дали имаме оштетување или сме реагирале брзо за да спречиме еден ваков обид - случаен или не, посочи Андоновска.
На прашање, за што се тие реагенси, Андоновска кажа дека имало и за големата кашлица, каде беа пријавени три епидемии, во ниво на територијата на Скопје, Куманово и на Тетово.
- Едно само ќе ви спомнам, таму беа реагенсите и за големата кашлица што во моментов имаме епидемија на голема кашлица и замислете, ние ќе немавме ниту еден реагенс денеска, доколку не реагиравме соодветно. А јас пред некој ден ја информирав јавноста дека затекнав во оваа институција недостаток на вакви реагенси и тоа во тек на веќе прогласена епидемија, надлежните коишто биле пред мене на оваа институција ја оставиле оваа институција со недоволен број реагенси, рече Андоновска.
Од Јавното обвинителство информираа дека се прибира документација и се вршат разговори со лица, кои би можеле да имаат сознанија за исклученото напојување со електрична енергија на коморите каде се чуваат реагенсите за испитување заразни и незаразни болести во Институтот за јавно здравје.
Јавни обвинители од ОЈО Скопје и ОЈО-ГОКК заедно со истражители од истражните центри на обвинителството извршија увид и разговори со повеќе лица. Доставен е прелиминарен записник од Институтот за јавно здравје за констатирана состојба. Причините за прекинот во напојувањето ќе продолжат да се испитуваат со вешти лица, соопшти денеска јавното обвинителство.
фото: МИА