Кај Австриецот што загина на Попова Шапка била пронајдена полна торба со пари
Кај 80-годишниот Австриец, з акого МВР извести дека во неделата паднал со автомобилот во провалија и на лице место починал на Попова Шапка, била пронајдена полна торба со пари, известува утрово „Скопјеинфо“.
„На 7.4.2024 година околу 17:20 часот во СВРБ – Тетово, пријавено е дека на регионалниот пат Тетово – Попова Шапка на влезот во Расадиште од Тетово, патничко возило „Сузуки“ со австриски регистарски ознаки, управувано од. Е.В. (80) од Виена – Република Австрија, излетал од патот. Од здобиените повреди возачот, кој бил сам во возилото, починал. Од страна на лекар од Итната медицинска помош е констатирана смрт, додека јавен обвинител и увидна екипа од СВР-Тетово извршиле увид на местото на настанот“, извести тогаш полицијата.
Сепак во соопштението изостана деталот дека меѓу пронајдените предмети имало и вреќа со пари. Единствено подоцна од МВР известиле дека истрагата се уште не е затворена и материјалот се уште не е предаден на обвинителството.
Противпожарната служба потврдила дека нашла пари, но рекоа дека се предадени на полицијата.
„Тоа беше длабок пад на автомобилот околу 150 метри. Жртвата беше надвор од автомобилот, работите исто така биле расфрлани надвор. Има и слики и работи што ги документиравме, видовме пари околу колата како српски динари, евра и денари . Во торба, според она што ги виделе останатите пожарникари, имало поголема сума на пари што ги имала жртвата. Поголема сума на евра“, изјави Авни Амети, началник на ППБ – Тетово.
Од тетовската полиција велат дека сите пронајдени предмети моментално се во полициската станица Тетово.
За случајот се известени и Одделот за меѓународна полициска соработка, Министерството за надворешни работи, Амбасадата на Австрија и Канцеларијата на Интерпол
