Економија, финансии, бизнис

Контакт

КАФЕТО ПОСКАПЕ: Дали на ова штедат Македонците?

КАФЕТО ПОСКАПЕ: Дали на ова штедат Македонците?

Иако кафето поскапе поради неколку глобални фактори и цените во кафулињата сега се повисоки, од угостителските објекти кои ги контактиравме во различни градови, велат дека македонските граѓани не штедат на кафе. Тоа им е омилено и без разлика на покачувањето на цената, сепак уживаат да пијат кафе. Од кафулињата велат дека нема некои промени во однос на потрошувачката.

„Сè е исто. Немаме забележано промени. Луѓето не штедат на кафе“, велат од скопско кафуле.

Во туристичкиот град Охрид објаснуваат дека за странците не е проблем повисоката цена на кафето, но истото важи и за голем дел од локалните жители.

„Околу празниците не сме забележале некоја разлика, луѓето си трошат. И нашите граѓани не штедат кога е во прашање кафето“, велат од охридско кафуле.

Истото го тврдат и во Струмица. Кафето се смета и за момент за дружба и социјализација, ритуал од кој луѓето не се откажуваат.

„Нема разлика. Пијат кафе независно од цената. До 100 денари има кафиња во Струмица. Луѓето не штедат на такви работи“,  додаваат од струмичко кафуле.

Во земјава цените на кафињата во некои кафулиња достигнуваат и до 180 денари. Прогнозите во светот се дека кафето ќе стане луксуз. Граѓаните имаат различни видувања на темава.

„Со оглед на тоа што една година бев надвор од државата, не знам колку моето мислење е реално, а знам дека претходно имаше кафе и за 60 денари, значи зависи, на некои места можеби и не би пиела кафе ако е скапо“, вели млада кумановка.

Друга жена објаснува дека зголемувањето на цената на кафето за 20 или 30 денари не е нешто што ќе ја одврати од намерата редовно да излегува во кафулињата.

„Лично мене не ми влијае. И кафето и колачите се поскапи, но пак ги купуваме. За друго можеме да заштедиме, но за кафе, колачи, да излеземе и да седнеме некаде, на тоа не штедиме. Некоја поголема промена на цените нема да се случи, затоа што газдите се свесни дека ќе ги изгубат муштериите“, рече Светлана Арсиќ, граѓанка.

Но, има и граѓани кои сметаат дека за овој стандард цената на кафето би требала да изнесува до 130 денари.

„Мислам дека на другите не им влијае, но реалната цена на кафето сметам дека не треба да биде над 130 денари“, рече Ангела Петковска-Додевска, граѓанка.

Цените на суровото кафе во светот двојно се зголемија за само неколку месеци, затоа што производството е намалено поради неповолните временски услови, а понатамошното зголемување на цените може да биде поттикнато од најавеното воведување на американски царини за увоз на стоки од сите земји. Прогнозите за бразилската жетва во 2025 година не се поволни, а Rabobank предвидува намалување од 6,4 отсто на производството на кафе во наредната сезона. Овие фактори ги зголемија цените на кафето, главно поради побарувачката во Европа, САД и Кина. Во европските земји цените на кафето се доста поскапени во однос на претходните години. 

Сања Атанасовска

foto freepik.com/EyeEm

Слично

Поврзани вести