КАФЕАНИТЕ И ДРУГИТЕ УГОСТИТЕЛСКИ ОБЈЕКТИ ЌЕ РАБОТАТ ДО 21, НО ПО 20 ЈАНУАРИ: Филипче вели состојбата е стабилна
Барањето на
угостителите за продолжување на работното време е логично, и ние тоа ќе го
разгледаме на некои од следните состаноци на Комисијата за заразни болести,
истакна денеска министерот Венко Филипче по посетата на Клиниката за
гинекологија и акушерство.
-Ова скратување на времето дополнително, иницијално кога беше донесено минатиот месец, рековме дека ќе биде до 21 јануари, кога практично и завршуваат прославите, верските празници, и тогаш веќе по автоматизам се враќаат на работното време до 21 часот. Сепак, ние ќе го разгледаме барањето дали би можело да се продолжи работното време уште за два часа, потенцираше министерот за здравство.
Истакна дека состојбата со епидемиолошката слика во земјава е стабилна, дека генерално се намалува бројот на новозаразените лица, но рестриктивните мерки ќе се олабавуваат по 21 јануари.
-Епидемилошката ситуација би рекол дека е прилично стабилна. Значајно се намалува бројот и во овие изминати денови на пациенти на коишто им е потребна хоспитализација, а и понатаму е оној тренд на одржување на оној исклучително мал број хоспитализирани пациенти во сите болници не само во Скопје, туку и ширум државата. Верувам дека ќе остане вака, верувам овие прекршувања на мерките навистина не беа чести и не беа многу, гледавме по телевизиите и мислам дека сме во еден период на стабилна епидемиолошка слика во која што добро се менаџираат и делот на симптоматски пациенти на коишто им е потребно тестирање. Значајно се олесни и тој дел со тестирање со брзите тестови во сите јавни здравствени установи и во делот на хоспитализација каде што има сосем доволен број болнички кревети и сосем доволен број лекари, медицински сестри за третман на пациентите, рече Филипче.
