Кадриески сака да се лекува во Бугарија, Јотова бара владина средба за тепачката во Струга
Време е за средба меѓу владите на Бугарија и Македонија за да се преземат посериозни мерки по последниот инцидент со граѓанин со бугарски идентитет. Ова е ставот на бугарската потпретседателка Илијана Јотова, откако деновиве жител на Велешта во Струга истепа жител на селото Лабуништа, која пак бил претседател на бугарското здружение „Шемето“.
Доставувањето нота до македонската амбасада таа го оцени како недоволна акција, затоа што има информации дека се подготвува текст за промена на Уставот на Македонија, но во пракса нема никаков развој.
„Не се осмелувам ни да помислам дека новата бугарска влада ќе отстапи од веќе воспоставената бугарска позиција, која не е само на официјалниот кабинет, туку и на претседателската институција и на Народното собрание“, рече потпретседателката.
Копретседателот на бугарското здружение „Шемето“, Бекир Кадриески, сака да го продолжи своето лекување во Бугарија.
Во изјава за бугарската телевизија БНТ, Кадриески вели дека лекарите во болницата во Струга не се труделе многу околу него и не му направиле никакви испитувања иако, како што вели, имал вртоглавици и болки во стомакот.
„Не ми направија никакви контроли, само ми дадоа некои лекарства и една инјекција со диазепам и толку. Ми кажаа – ‘ќе почекаш, кога ќе дојдеш на ред, ќе може да се снимаш и да направиш анализи“, изјави Кадриески за БНТ.
Кадриески кажа дека во Струга секој со секого се знае, но додаде оти со напаѓачот немал никаков претходен контакт.
Во вклучувањето во живот на БНТ говореше и вториот копретседател на здружението „Шемето“, Живко Чакракчиев, кој е и бугарски државјанин. Тој објасни дека живее во Бугарија, но дека дошол во Струга да го посети својот колега и да понуди каква било помош во целата ситуација.
Инаку, на почетокот на оваа година во Охрид, три лица го нападнаа Христијан Пендиков кој потоа доби можност да се лекува во Бугарија, а потоа најави дека таму ќе остане да живее. За овој случај се води судски процес. Инаку, во земјава топ тема се уставните измени и дали тие ќе се реализираат, односно дали ќе има 80 пратеници кои ќе гласаат За. Македонија требс да ги внесе Бугарите во Уставот за да продолжи да преговара со Европската Унија(ЕУ).
Притскрин: БНТ
