Кадри-Шахиновиќ и Јошевска – Анастасовска се избрани за членки на Судскиот совет
Вонредната професорка Арлинда Кадри Шахиновиќ и адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска денеска се избрани за членки на Судскиот совет.
Пратениците во Собранието на денешната седница ги изгласаа двата предлога на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која во образложението истакна дека при изборот на кандидатките се водела од нивната стручност, компетентност, како и од професионалниот и личниот кредибилитет.
Претседателката Сиљановска – Давкова нагласи дека реформите во правосудството треба да ги предводат личности кои се препознатливи и докажани во својата област.
Сиљановска-Давкова кажа дека двете кандидатки не ги предложила затоа што се жени, туку пред сè поради нивната стручност и компетентност. Вклучувањето лица посветени на правото, стручни и компетентни во областа, ќе придонесе за воспоставување исти критериуми и при изборот на судиите, зголемување на нивната одговорност, како и за добивање аргументирани извештаи од Судскиот совет со конкретни предлози за надминување на проблемите во правосудството, што ќе значи исчекор во реформите.
