Економија, финансии, бизнис

Контакт

„КАДЕ ШТО ИМАШЕ ДЕПОНИИ, СЕГА ИМА МЕСТА ЗА ИГРА“: Ѓорѓиевски даде отчет за сработеното во Кисела Вода

„КАДЕ ШТО ИМАШЕ ДЕПОНИИ, СЕГА ИМА МЕСТА ЗА ИГРА“: Ѓорѓиевски даде отчет за сработеното во Кисела Вода

Обновивме над 70 километри улици и патишта, изградивме километри нови водоводни и канализациони линии, создадовме повеќе од 80.000 м² зелени површини, паркови и дрвореди. Таму каде што имаше диви депонии, денес има места за игра и дружење, рече градоначалникот на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски на денешниот настан на кој даде отчет за сработеното.

„Инвестиравме во 5 нови градинки и 5 доградби, меѓу кои и првата целосно инклузивна градинка во Усје. Со оваа мрежа, листата на чекање од 450 деца ја претворивме во историја, денес никој повеќе не чека место во градинка. Ги дигитализиравме училиштата, поставивме фотоволтаици и за првпат по еден век започнавме изградба на ново училиште – „Св. Климент Охридски“ во Драчево“, вели Ѓорѓиевски.

Според него, урбанизмот е ставен во функција на јавниот интерес.

„Го стопиравме ДУП-от за Расадник и спроведовме прв меѓународен конкурс за современо и хумано решение. Воведовме дигитализација и направивме од Кисела Вода првата целосно дигитална општина во Македонија. Кисела Вода стана дел од OGP мрежата за отворена власт, членка на B40 Балканската мрежа на градови, како и првата македонска општина членка на FAIC. Создадовме 22 нови детски игралишта, 16 спортско-рекреативни центри, нови спортски сали, како и реконструкција на салата „Расадник“ - симболот на ракометниот клуб Вардар. Изградивме затворен базен со Министерството за спорт и воведовме бесплатни спортски кампови за најуспешните ученици и спортисти. Реализиравме програми за поддршка на младите семејства, за субвенции за ранливите категории, отворање на социјални центри, логопедски и психолошки услуги, како и проекти за инклузија на лица со попреченост. Во културата - по 30 години повторно отворивме кино и библиотека, создадовме препознатливи културни манифестации и нови традиции: од заедничките полуматурски забави, до новогодишни базари и одбележување на празници со граѓаните. Во животната средина - исчистивме 246 диви депонии, поставивме прочистувачи на воздух во училиштата и парковите, и воспоставивме нов систем за мониторинг на квалитетот на воздухот“, напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.


Слично

Поврзани вести