Каде повеќе нема да смее да се пуши: Еве што предвидува новиот антипушачки закон
Со новиот, значително построг антипушачки закон што го подготвува Владата, пушењето ќе биде целосно забрането во низа јавни и приватни простори, без исклучоци какви што постоеја досега. Законот има за цел целосна заштита на непушачите и унапредување на јавното здравје.
Според најавеното законско решение, пушењето нема да биде дозволено во сите затворени јавни простории, вклучително и:
Кафулиња, ресторани, барови и сите угостителски објекти, без разлика дали станува збор за посебни простории или простории со вентилација
- Ноќни клубови и дискотеки
- Хотели – во заедничките простории и собите
- Трговски центри и продавници
- Канцеларии и работни простории
- Образовни институции – училишта, факултети и студентски домови
- Здравствени установи
- Јавни институции и административни објекти
- Културни и спортски објекти
Дополнително, пушењето ќе биде забрането и во автомобилите, особено кога во возилото има деца, што претставува една од најстрогите мерки во новото законско решение.
Новите правила нема да важат само за класичните цигари. Забраната ќе се однесува и на:
- електронски цигари
- вапинг уреди
- тутунски и никотински производи без согорување
Овие производи ќе бидат третирани целосно исто како класичните цигари, што значи дека нивната употреба ќе биде забранета на сите места каде што не е дозволено пушење.
Законот предвидува и построги правила за продажба и изложување на цигари, со цел да се намали нивната видливост и достапност, особено кај младите.
Предлог-законот ќе биде ставен на јавна расправа, по што ќе следува собраниска процедура. Доколку биде усвоен, ќе стапи на сила по преоден период, за граѓаните и угостителите да имаат време да се прилагодат.
Од Владата велат дека целта на мерките не е казнување, туку создавање поздраво општество и заштита од штетните последици на пасивното пушење.
