Економија, финансии, бизнис

Контакт

„КАДЕ ОДИ ЗАРАБОТУВАЧКАТА“ - сточарите ги продаваат јагнињата за 240 денари по килограм, а во продавница достигнува до 800 денари

„КАДЕ ОДИ ЗАРАБОТУВАЧКАТА“ - сточарите ги продаваат јагнињата за 240 денари по килограм, а во продавница достигнува до 800 денари

Голем дел, поточно 80 отсто од јагнињата се откупени и се обработуваат за извоз за католички Велигден. Главно извозот е на италијанскиот пазар, сооштуваат сточарите

Според нив, откупната цена од 220 до 240 денари за килограм жива мера е ниска и не ги покрива основните трошоци. Но, мора да ги продадат јагнињата зашто така ќе ги добијат субвенциите.

- Оваа цена што ни ја понудија кланичарите, од 220 до 240 денари е ниска, но мора да ги дадеме втасаните јагниња зашто така ги добиваме субвенциите. Имаше извоз за косовскиот пазар од 320 денари, ама тоа е ризик зашто не добиваме право на субвенции. Цената не ги покрива основните трошоци -, вели Зоран Спасески, сточар од прилепското село Мало Коњари.

Тој е еден од двајцата сточари во селото кои упорно се занимаваат со одгледувањето овци од поранешните 38 семејства и стадата од вкупно 3.500 грла овци.

- Само љубовта спрема одгледувањето овци и занимавањето со оваа сточарска гранка ме одржува. Откако знам се занимавам со овчарство, но нема кој да не наследи.  Ако не се субвенциите, тешко дека ќе се одржи оваа гранка - вели Спасески.

Спасески смета дека неможноста сам да ги бира пласманот и пазарот влијаат на моменталните состојби во овчарството.

- Како прво, сакам и треба јас да го избирам пазарот кому и како ќе ги продадам јагнињата, а не да бидам условуван. Состојбите се тешки и ако вака продолжат ќе нема овци во земјава - смета Спасески.

Како сточар и од искуство, Зоран Спасески од прилепско Мало Коњари вели дека тешко дека ќе остане јагне за православниот Велигден. А и продажната цена е висока.

- Тешко дека ќе има јагнешко за православниот Велигден. И тоа што иде, ќе има цена од околу 800 денари за килограм. Кој ќе купува? Замислете, продаваме по 220 до 240 денари жива мера, а малопродажната цена е 800 денари за килограм. Каде оди заработувачката - прашува сточарот Зоран Спасески од прилепското село Мало Коњари.

Извор и фото: МИА

Слично

Поврзани вести