Економија, финансии, бизнис

Контакт

КАДЕ Е МАРИЈА БРЗАКОВА? - нејзината мајка се уште трага по вистината, бара институциите подетално да го истражат случајот

КАДЕ Е МАРИЈА БРЗАКОВА? - нејзината мајка се уште трага по вистината, бара институциите подетално да го истражат случајот

Потрагата по исчезнатата Марија Брзакова, родена на 5-ти април 1991 година и понатаму е отворена, но од жената нема ниту трага ниту глас и по пет години од исчезнувањето. 

Брзакова беше пријавена за исчезната на 18-ти јануари 2020 година во село Босилово, Струмица, и нејзина слика со кратки информации за исчезнувањето се уште се објавени на веб странта на Министерството за внатрешни работи.

Но, по петте години исполнети со неизвесност и недостаток на одговор, каде е Марија, за „Фокус“ се огласи нејзината мајка, која во детали раскажуваше за животот на нејзината ќерка. 

Како што јавноста веќе знае, Марија заедно со сопругот и ќеркичката живеела во Швајцарија, каде исто така биле и нејзините родителите Валентина и Ване Георгиеви, како и нејзината сестра. Марија заедно со ќерката и сопругот дошле во Македонија во септември 2019 година, во Босилово. Нејзиното исчезнување се случило на 18-ти јануари 2020 година, а сопругот го пријавил во полиција три дена подоцна.

Од СВР Струмица потврдија дека сопругот го пријавил исчезнувањето по три дена, но како што истакнаа, во интерес на истрагата не можеле да откриваат повеќе детали.

Се вклучија голем број на стручни тимови во потрагата по младата жена, која во време на исчезнувањето била во третиот месец од бременоста, но Марија не беше пронајдена.

Родителите на Марија телефонски се обратија до „Фокус“ за помош и со растреперен глас раскажаа за нивната голгота.

- Речиси 5.5 години се кршам и го земам телефонот да се јавам, да се обратам до јавноста, а пред се до институциите во Македонија, до МВР и до Обвинителството, па се откажував и замолчував, но веќе е доста со молк. Ние мораме да ја раскажеме приказната за нашата ќерка и јавно да бараме одговори и одговорност!

Кога дознавме дека со сопругот решиле да заминат ненадејно во Босилово, и да поминат време таму, веста ни дојде како изненадување. Заминаа во септември 2019 година. Оставија се во Швајцарија, и работата и животот кој го имаа таму, а во Босилово за целото време додека беа таму, не беа во работен однос.

Родителите на сопругот ја знаеле причината за нивното ненадејно враќање во Македонија, ние ја дознавме последни.

Заедно со таткото и со сестрата на Марија решивме да ги изненадиме и дојдовме во Македонија во декември 2019 година. Тоа беше последен пат како ја видовме. Ни кажа дека е бремена, а кога си заминувавме, на испраќање таа плачеше како никогаш досега. Не памтам во целиот мој живот да сум ја видела така силно да плаче, таква тага кај неа не сме забележале никогаш - раскажува мајката на Марија. 

Потоа открива дека по исчезнувањето на Марија веднаш се вратиле во Македонија, и тогаш дознале дека Марија и нејзиниот сопруг дошле во Босилово бидејќи имале проблеми во бракот, и Марија започнала врска со нејзин колега. 

Појаснува дека со судска одлука ја гледале внукичката еднаш неделно, а еден викенд месечно требало да поминува со нив. Девојчето сега имало осум и пол години. Вели дека таа им е се што им останало од ќерката, но се случувало сопругот на Марија да не им го остава девојчето за викенд.

– Со него имаме комплициран контакт, а со неговите родители, со кои пред настанот бевме во добри односи, повеќе не сме во контакт. Бараме одговори од сите, а првенствено од надлежните институции во Македонија, кои го заборавија случајот во фиока. Стапивме во контакт и со човекот со кого Марија била во врска. Ни кажа дека сакала да се разведе, но дека се плашела дека ќе ја изгуби ќерката. Ни кажа дека и било тешко во бракот, но дека молчела и криела од нас низ што минува.
Дознавме многу детали, а истите ги кажавме и во обвинителството. Никој со прст не мрдна! Се јавувавме и одевме кај обвинителката во ОЈО Струмица, од неа само слушаме дека нема докази, дека се работи на случајот. Нема тело, нема дело, ете тоа го слушаме!

Затоа, ние како родители на Марија, јавно го повикуваме обвинителството во Македонија да излезе на прес конференција и да ги даде сите одговори за случајот, и ние и цела Македонија да слушне – Каде е Марија, како се одвива потрагата и истрагата, какви доказни материјали имаат и какви докази бараат, а не можат да ги најдат, да кажат зошто во Швајцарија нема никакви податоци за случајот, кога уште во 2021 година беше испратена замолница преку скопското обвинителство до надлежен орган во Швајцарија, да се разговара со сопругот и со неговите родители за да се утврдат битни податоци кои овде не се утврдија. До каде е стигната замолницата?

Долго време ние како семејство молчевме, јас доживеав удар, имам сериозни здравствени проблеми и немав сили да излегувам јавно.
Но, како што минува времето, сфативме дека само така, со појавување во медиумите, може да го привлечеме вниманието на јавноста за случајот, а со тоа и институциите да тргнат од мртва точка, да ни ги дадат одговорите по кои трагаме. Вака, без ниту едно одговорено прашање, а се работи за млада жена, мајка, се работи всушност за два животи, за нејзиниот и за животот на нејзиното дете со кое беше бремена, со апсолутно никаков напредок во истрагата, имаме сомнеж дека се работи за голема корупција!
Нам дури и ни беше кажувано од страна на полиција и обвинителство дека немаме потреба да ангажираме адвокат - раскажува мајката на Марија за „Фокус“.

Слично

Поврзани вести