Каде е Македонија на ранг листата на Економист?
На новата ранг листа на Економист, Македонија од земји со хибриден режим премина на листата демократии со недостатоци.
Во Извештајот за индексот на демократија во 2021, Македонија е на 73-то место.
„Кај Северна Македонија, која исто така премина во категоријата на „демократии со недостатоци“, е забележано скромно подобрување во функционирањето на Владата. Во октомври 2021 година, земјата одржа конкурентни општински избори. Како одговор на поразот на неговата партија на изборите, премиерот и лидерот од владејачката партија Зоран Заев порача дека ќе ја преземе одговорноста и ќе се повлече од двете негови позиции“, стои во извештајот.
Во споредба со ланскиот извештај, има скок за пет места. Заедно со Црна Гора и Молдавија, во извештајот, Македонија е во делот, „Добри вести од Источна Европа“. Европa ги надмина сите други региони, нотирано е во извештајот.
Во земјава претходно имаше критики од партиите дека Македонија е хибриден режим. ВМРО-ДПМНЕ често ја напаѓаше власта на оваа тема.
