КАДЕ ДА БАРААТ ЧАРЕ ПАЦИЕНТИТЕ? За 10 години од европскиот пазар исчезнале 26 отсто од генеричките лекови
Во изминатите десет години од европскиот пазар исчезнаа 26 проценти од генеричките лекови, а најчеста причина беше неисплатливоста на производството поради прениските цени на лековите, беше предупредено денеска на панел дискусија на водечки луѓе од европската фармацевтска индустрија. .
Поради ценовната политика кон генеричките лекови, во изминатата деценија од европскиот пазар исчезнале 33 отсто од антибиотиците и 40 отсто од лековите за лекување на тумори, посочуваат експерти во онлајн дискусија на европскиот портал Политико.
„Ова треба итно да се реши“
Филип Дрехсле, член на Извршниот одбор (Тева Европа), предупреди дека целиот синџир на снабдување со генерички лекови е под голем притисок поради намалувањето на цените до границите на одржливост. Притоа, додаде тој, националните закони ги фаворизираат најевтините добавувачи, игнорирајќи ја одржливоста на производството и достапноста на основните лекови.
„Ова треба да се реши итно. Треба да се донесе регулатива што ќе ја земе предвид достапноста на лекови во сите земји на ЕУ“, рече Дрехсле.
Тој оцени и дека европскиот регулаторен систем е прескап, еколошките обврски се преригорозни, што ја става Европа во неконкурентна позиција во однос на азиските земји.
„Важно е да се врати производството во Европа“
Генералниот директор на здружението за генеричка индустрија „Лекови за Европа“ Адријан ван ден Ховен се осврна на недостигот од антибиотици, што, посочува, зимава покажа колку е кревка достапноста на есенцијалните лекови и колку е важно производството да се врати во Европа.
ТЕКСТ ПРОДОЛЖУВА ПОД ОГЛАСТА
Тој ја потенцираше неопходноста од покачување на цените на генеричките лекови чија месечна терапија сега е пониска од цената на кафе во кафуле и рече дека проблемот со недостигот треба да се реши со ревизија на фармацевтското законодавство на ЕУ.
За време на панелот беше предупредено дека Европа пред 20 години произведувала околу половина од состојките за производство на лекот, но сега таа бројка падна на околу една петтина. Креаторите на политиките на национално ниво, се вели, треба да ги променат политиките за цените на лековите и да ги усогласат со стапките на инфлација.
Европските фармацевти бараат тендери со повеќе критериуми, наместо најниската цена да биде единствен критериум
И претставниците на европската фармацевтска индустрија бараат повеќе добавувачи на лекови на пазарот и тендери со повеќе критериуми, наместо единствениот критериум да биде најниската цена.
Беше испратен и повик за отворен дијалог меѓу добавувачите и медицинските агенции за да се предупреди за тесните грла во снабдувањето што е можно побрзо.
Европската комисија и Агенцијата за лекови (ЕМА) ги задолжија сите земји-членки на ЕУ да ја следат ситуацијата во синџирите на снабдување и да алармираат за потенцијалниот недостиг на лекови како дел од заедничкиот проект на ЕК.
