Кабинетот на Пендаровски: Скративме пари заради Ковид-19, па затоа Малески не е повеќе советник
Од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, искажувајќи реакција на објавен тескт, информира дека професорот Денко Малески повеќе не му е советник на шефот на државата, како што велат од таму, поради кратењето на средствата за договорни услуги.
-На дел од надворешните советници им завршија годишните договори за соработка со Претседателот на почетокот на јуни 2020, меѓу кои беше и професорот Малески. Поради пренамена на значајна сума на средства од буџетот на Претседателот, за фондовите за справување со пандемијата на КОВИД-19, Кабинетот изврши реструктурирање на средствата во годишниот буџет и во таа насока се скратија и дел од договорните услуги, се вели во појаснувањето од Кабинетот на текст објавен на Пресинг ТВ.
Пролетоска професорот Малески излезе со колумна и со интервју за една бугарска телевизија во кои ги изнесе веќе познатите негови тези дека македонскиот револуционер Гоце Делчев бил етнички Бугарин и дека македонскиот и бугарскиот се еден ист народ. Од нив се огради и претседателот Пендаровски, кога Малески истовремено беше негов советник.
Изминатиот викенд министерот за надворешни работи, Бујар Османи, откри дека професорот Малески сега е дел од работната група која преговара со свои колеги од бугарското МНР околу надминување на недоразбирањата произлезени од (не)спроведувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија.
