Кабинетот на Османи: Макрон направил ненамерна грешка со „северномакедонски“
Од кабинетот на министерот за надворешни работи Бујар Османи информираат дека шефот на македонската дипломатија остварил телефонски разговор со кабинетот на Емануел Макрон, од каде што го увериле дека францускиот претседател направил ненамерна грешка за терминот „Северномакедонци.
„Покрај редовната комуникација со амбасадата на Франција во земјава, Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес оствари телефонски разговор со Кабинетот на претседателот Емануел Макрон, од каде доби уверување дека при употребата на придавката за граѓаните на Северна Македонија, направена е ненамерна грешка, потврдувајќи го притоа официјалниот став на Франција за целосно почитување на официјалното име на државата, државјаните на Северна Македонија, како и соодветните придавки, на начин како тие се дефинирани и прифатени во Обединетите нации, согласно Преспанскиот договор“, соопштија од МНР.
Претседателството на Франција предизвика бура во јавноста, откако им се заблагодари и на „Северномакедонците“ по изгласувањето на францускиот предлог во бугарскиот парламент.
