Кабинетот на Иванов реагира на „политичката одлука“ на Антикорупциска
Како политичка ја квалификува одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за прекршочна постапка, кабинетот на претседателот Ѓорѓе Иванов. Во рекацијата што денеска ја прати до јавноста комисијата одлучи да поведе прекршочни пријави против него поради указите за унапредувања во армијата.
„Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, најостро реагира за политичката одлука на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) да поднесе прекршочни пријави против Претседателот на Република Македонија и целосно ги отфрла тврдењата дека со донесувањето на указите, кои се предмет на ваквата одлука, Претседателот на Република Македонија постапил спротивно на законите и ги пречекорил овластувањата. Разочарува фактот што, и покрај тоа што до Државната комисија за спречување на корупцијата уредно беа доставени образложенијата и законските основи врз основа на кои Претседателот на Република Македонија ги донесе указите, истите не се земени предвид од страна на Комисијата, и наместо тоа, како образложение се даваат општи и непрецизни констатации без законска основа, стои во реакцијата.
Оттаму тврдат дека укзите се уставни и законски и дека спред законите Претседателот поставува старешини на формациски места генерали и унапредува и разрешува генерали, а нема обврска да бара одобренија за надлежности кои му се пропишани со закон.
„Дополнително, Законот за одбрана е системски закон, а Законот за служба во АРМ е општ закон. Во согласност со начелото на уставност, предвидено со член 51 од Уставот на Република Македонија, јасно е каква е нормативната хиерархија во носењето на одлуките. Доколку воопшто има судир на норми меѓу двата закони, тогаш меродавни се одредбите од Законот за одбрана, а не од Законот за служба во Армијата.
Единствена одредба во Законот за Служба во АРМ, каде се споменува унапредувањето на офицерите со формациски чин генерал, е Членот 61 став 1, каде се предвидува дека офицер може да се унапреди во непосредно повисок чин, во конкретниот случај од генерал-мајор во генерал-потполковник, ако офицерот кој треба да биде унапреден поминал најмалку две години во чинот што го има. Претседателот на Република Македонија го донесе указот бр. 57 бидејќи овој критериум за генерал-мајор Васко Ѓурчиновски беше исполнет, пишуваат од кабинетот.
Велат и дека одлука на ДКСК е контрадикторна на претходната практика која самата комисија ја воспоставила. ДКСК во 2016 година дала одговор по слична проблематика, кој е сосема спротивен на сегашните ставови.
