Јавни Набавки :Јунешкото месо стаса до 500 денари килограм!
Центарот за граѓански комуникации денеска го објавува Индексот на рационалноста во трошењето пари при јавните набавки, овој пат изработен за услугата одржување хигиена и за производите дефибрилатори, јунешко месо без коски, ПВЦ прозорци и работни обувки-кломпи.
Според наодите од индексот, рационалноста во трошењето на јавните пари не е приоритет кај значаен број на институции на национално и на локално ниво. Индексот, поконкретно, ги покажа следниве разлики во цените:
- за одржување хигиена институциите плаќаат од 24 до 66 денари за еден метар квадратен месечно, со што највисоката цена платена за оваа услуга е повисока од најниската евидентирана цена за 175%;
- дефибрилаторот се купувал по цени од 36.698 до 141.600 денари со што највисоката цена е за 286% повисока од најниската;- јунешкото месо без коски институциите го купувале по цени кои се движеле од 341 до 496 денари со што највисоката цена е за 45% повисока од најниската;
- ПВЦ прозорец по еден метар квадратен се купувал од 2.643 до 5.581 денари со што највисоката цена платена за овој производ е дури 111% повисока од најниската и
- работните обувки-кломпи се купувале од 750 до 1.938 денари за чифт, со што највисоката цена е за дури 158% повисока од најниската.
Индексот на рационалност се изработува преку споредба на цените по коишто различни институции купуваат исти производи, услуги или работи. Индексот треба да им послужи на државните институции како основа за подобрување на рационалноста при јавните набавки, односно при трошењето на јавните пари.
Слично
