ЈУЛСКА СЕСИЈА СО ФИЗИЧКО ПРИСУСТВО: Би се организирала по конкретни протоколи
Доколку има јулска сесија на која студентите ќе присуствуваат физички, тоа би се реализирало по конкретен протокол што ќе го донесе Владата на предлог од Комисијата за заразни болести, одговори министерот за образование Арбер Адеми, прашан дали може ли да се организира безбедно одржување на јулската испитна сесија.
– Се уште е во сила уредбата со законска сила за примена на Законот за високо образование, каде е предвидена императивна норма дека може да се организираат испити, колоквиуми со средства за електронска комуникација, доколку високообразовната установа обезбеди технички услови за кредибилноста на процесот на оценување на студентите. Ние сме во постојана комуникација со високообразовните установи, така што и претходните денови и денеска и следните денови ќе бидеме во комуникација, така што секоја одлука треба да биде хармонизирана и да е во согласност со законските прописи, рече Адеми.
За сега, како што рече тој, одржувањето на испитите, колоквиумите, одбрана на додипломски трудови, магистарски и докторски трудови се организира онлајн, што всушност е утврдено со почетокот на кризата со пандемијата.
Што се донесува до државната матура, таа ќе ја полагаат само учениците кои средното училиште го завршиле лани, а од разни причини не ја положиле државната матура. Инаку, средношколците кои годинава завршуваат се ослободени од обврската да полагаат државната матура и завршниот испит, а ќе добијат диплома што ќе има вредност, како и дипломите издадени во претходните години, ќе имаат ист правен ефект и законска сила од аспект на запишувањето во високообразовните институции.
