Економија, финансии, бизнис

Контакт

Југохромци и во новата година чекаат решавање на нивниот статус

Југохромци и во новата година чекаат решавање на нивниот статус

Статусот на вработените во комбинатот „Југохром“ од Јегуновце и оваа година е непроменет. 

Тие сè уште сe на принуден одмор и земаат околу 70% од месечните примања.  Од синдикатот на „Југохром“ велат дека сè уште се преговара со менаџерскиот тим на комбинатот. Додаваат дека на работниците им се исплатени платите, а денеска или утре се очекува да се исплати К-15. 

„Сега најважно е што вработени уште се водат на принуден одмор, треба наскоро да се знае што понатаму со нив. Но, треба фабриката да се отвори, затоа што се виде дека и кога не работи, воздухот во Тетово и понатаму е екстремно загаден, во спротивно работниците мора да земаат некој надомест, не можат да останат на улица“ – вели Бајрам Амити, претседател на синдикатот на „Југохром“.

Генералниот директор на „Југохром“, Васко Скендеровски, изјави дека интензивно се работи на изградба на системот на отпрашување, кој беше главен причинител за затворањето на комбинатот.

„Поради временските услови, направивме пауза, но се надеваме дека во наредните десетина дена ќе го завршиме бетонскиот фундамент на системот за отпрашување. До крајот на годинава, целосно ќе го изградиме овој систем“ – вели Скендеровски.

Инспекторатот за животна средина кон крајот на минатата година донесе одлука за привремено затворање на комбинатот, поради доцнењето на изградбата на филтер-станицата.

„Југохром“ ги згасна печките во ноември лани. 


Слично

Поврзани вести