Југ и Ченто бараат да им суди Кацарска, амнестија не сакаат
Oбвинетите за 27 април, Игор Југ и Јане Ченто нема да бараат амнестија.
Тие не го признаваат селективниот закон и бараат за правдата да одлучува суд, а не политичарите.
Велат дека македонската јавноста треба да ја знае вистината за „крвавиот четврток“.
„Имам целосна доверба во вас, време е да покажеме дека сме правна држава и дека судот е независна власт. барање за амнестја нема да поднесам, вие пресудете ми“, кажа Ченто.
Тој додаде дека освен судот никој друг нема право некого да помилува.
И обвинетиот Игор Југ кажа дека нема да поднесе барање за амнестија.
„Ќе ја докажам правдата пред вас кои сте единствено легитимна да одлучува за нашата невиност“, кажа Југ обраќајки и се на судијката Добрила Кацарска.
Судијката Кацарска напомена дека Судскиот совет не одлучува и нема надлежност за амнестијата.
Кацарска најави дека Судечкиот совет утре на рочиште ќе се произнесе дали ги прифаќа дополнителните докази предложени од обвинетиот Игор Југ, а во однос на околу стотината аудио разговори и фотографии предложени од обвинетиот Александар Василевски Нинџа, рече дека тие не се прибавени на законит начин и судот нема да може да ги прифати како докази.
Југ на денешното рочиште побара од судијката одобрение за католички свештеник да го посети во затворот во Шуто Оризари. Тој рече дека разговарал со директорот на затворот, кој му рекол да ѝ пренсе на судијката.
