ЈСП ќе сообраќа утре изутрина
Јавното сообраќајно претпријатие Скопје утре ќе сообраќа до 9 часот, решено е на денешниот синдикален состанок, а потоа автобусите ќе се повлечат се до очекување на одлуката на седницата на Советот на Град Скопје за исплата на декемвриската плата и на субвенциите од 11 милиони евра за претпријатието.
Претседателот на Синдикатот на ЈСП Миќо Стојановски, појаснува дека со тоа ќе се излезе во пресрет на учениците да стигнат до училиштата, со оглед дека почнува второ полугодие и граѓаните и вработените до своите работни места, до болниците…
- 270 автобуси на ЈСП утре ќе се вклучат на сите линии и ќе сообраќаат до 9 часот, а потоа се враќаат во двете авто – бази и ќе останат се додека не се донесе одлука на седницата на Советот на Град Скопје во врска со субвенциите од 11 милиони евра за претпријатието. Доколку парите легнат уште дента на сметката на ЈСП истиот ден ќе биде возобновен превозот, изјави Стојановски.
Протестот пред градскиот совет ќе се одржи во 10:30 часот за да се изврши притисок да се донесе одлуката за субенциите на јавниот градски превоз.
