„ЈСП ИМА ДОЛГ“: Пуцко Петрол бара извинување од медиумите за соопштение од Град Скопје
„Пуцко Петрол“ бара извинување од медиумите, но за соопштение кое го испрати Градот Скопје, а за неиспорачувањето гориво за Јавното сообраќајно претпријатие.
Од компанијата велат дека во конкретниот случај, не е спомнат фактот за огромниот долг на ЈСП кон компанијата, кој како што наведуваат, надминува и над 10.000.000 евра по фактури стари и над две години.
„Изразуваме загриженост и разочараност, со кој се нарушува угледот, реномето и деловниот интегритет на нашата компанија. Нецелосната и тенденциозна содржина на текстот води кон погрешно информирање на јавноста, што предизвикува директна штета врз нашата репутација и деловни односи.
Затоа што текстот содржи информации кои не ја отсликуваат реалната состојба и можат да доведат до погрешна перцепција за нашата компанија чувствуваме потреба да реагираме и за истиот бараме јавно извинување.
Темелно и објективно информирање е еден важен принцип за секој медиум особено за информација од јавен интерес. Потребно е секогаш да се обезбедат точни и вистинити информации. Во конкретниот случај воопшто не е ниту спомнат фактот за огромниот долг на ЈСП према нашата компанија кој надминувал и над 10.000.000 евра по фактури стари и над 2 години што е значаен елемент кој заслужува внимание при секое известување на оваа тема.
Нашата компанија како долгогодишен и одговорен снабдувач, секогаш се води од принципите на транспарентност и професионалност.
Дополнително, сакаме јасно да нагласиме дека секоја институција која ги подмирува своите обврски навремено, без исклучок добива гориво согласно договорените услови. Нашето работење е транспарентно, законски усогласено и ориентирано кон стабилност и доверба во деловните односи. Со оглед на горенаведеното, бараме од Вас јавно извинување за нанесената штета и нарушениот углед и повлекување на спорниот текст, во согласност со етичките стандарди на новинарството. Во спротивно, ќе бидеме принудени да ги преземеме сите правни мерки за заштита на нашите права и интереси. Веруваме дека заеднички можеме да придонесеме за точна информираност, и Ви стоиме на располагање за дополнителни информации“, се наведува во реакцијата.
Во реакцијата, компанијата воопшто не наведува дека се работи за пренесено соопштение на Градот.
