ЈСП дозволи кучиња во автобусите
Скопското претпријатие за јавен сообраќаен превоз им дозволи на лицата со посебни потреби да се возат со кучиња-придружници во автобусите доколку имаат неопходна потреба за тоа.
„ЈСП Скопје како општествено одговорно претпријатие одлучи да им излезе во пресрет на лицата со посебни потреби со куче-придружник и да им дозволи непречено користење на услугите, односно да дозволи влез на кучињата-придружници во возилата на ЈСП и во кабините на Жичарницата. Одлуката е донесена со оглед на фактот дека кучињата придружници се од голема помош на посочената категорија лица, имајќи во предвид дека тие им се од голема корист како дополнително помагало во извршување на секојдневните обврски и активности“, се вели во соопштението на ЈСП Скопје.
Од таму апелираат истото за лицата со хендикеп да го сторат и останатите јавни институции, маркети, кина, театри, трговски центри, а на патниците им порачуваат да не се вознемируваат од овие кучиња-придружници бидејќи тие се добро истренирани и дисциплинирани.
