ЈП „ВОДОВОД И КАНАЛИЗАЦИЈА“ ЌЕ ШТЕДИ СТРУЈА - нема да се наруши функционирањето и безбедноста на претпријатието
ЈП Водовод и канализација - Скопје ќе го рационализира трошењето на електрична енергија.
Од ова јавно претпријатие информираат дека врз основа на прогласената кризна состојба во енергетскиот сектор во времетраење од 30 дена, од страна на Владата, и тие донеле интерна одлука за рационализација на потрошувачката на електричната енергија.
„Во согласност со состојбата во која се наоѓаме во однос на енергетската криза, ЈП Водовод и канализација - Скопје, донесе интерна одлука за рационализација, односно намалување на потрошувачката на електричната енергија, на најниско можно ниво, без притоа да се наруши функционирањето и безбедноста на претпријатието. Врз основа на нашите општествено одговорни политики и спроведувањето на истите, се надеваме дека со ова ќе придонесеме кон зголемување на свеста за заштеда и рационална употреба на електричната енергија, пракса и пример кој ќе се следи и во иднина за сите природни ресурси кои се употребуваат за општо добро на граѓаните, вклучително и водата за пиење“, изјави Душко Весковски, генерален директор на ЈП Водовод и канализација - Скопје.
