ЈОВЕСКИ: На бугарските обвинители утре ќе им бидат предадени ДНК примероците од роднините на жртвите
Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески соопшти дека денеска во земјава пристигнале претставници на бугарското јавно обвинителство.
„На нив утре ќе им бидат предадени ДНК анализите од роднините на покојните. Исто така, на бугарските претставници ќе им ја доставиме сета документација со која располагаме, пред се документацијата одземена од ‚Беса Транс', за тоа кога е регистриран автобусот и другата документација со која располага нашето Министерство за транспорт и врски“, рече Јовески.
Тој соопшти дека денеска нашето Обвинителство до надлежните бугарски власти упатило замолница за присуство на двајца наши претставници од Институтот за судска медицина во утврдувањето на идентитетот на жртвите што ќе се врши во Бугарија.
„Ова е единствено со цел да се забрза утврдувањето на идентитетот на жртвите“, рече Јовески.
Тој потврди дека во изгорениот автобус е пронајдено уште едно тело.
„Пронајден е уште едемн починат патник, телото е пренесено во Институтот во Бугарија, и се работи за помладо лице“, рече Јовески, нагласувајќи дека со ова бројот на жртвите се искачи на 45, а 7 лица се повредени и се лекуваат во софиската болница.
Според главниот македонски обвинител, нема никаков сомнеж дека е пронајдено 45 починато лице.
„Автобусот имал големи оштетувања, тој е пренесен од местото на настанот и издадена е наредба за соодветни вештачења и притоа е пронајдено уште едно тело. Ја уверувам јавноста да нема сомнеж во 45 пронајдено лице, тоа ми го потврдија и бугарските обвинители, и тој факт не е воопшто спорен. Тоа е пронајдено во изгорениот дел од автобусот и ќе се утврди во текот на истрагата“, нагласи Јовески.
Обвинителот нагласи дека осмиот патник е споменат единствено од само едно повредено лице.
„Евиденцијата на болницата во Бугарија покажува друго, дека таму се примени седум повредени лица, и тој факт не се доведува во прашање. За повреденото лице кое го спомнало осмиот патник треба да се има предвид дека е во прашање една трагична состојба и во таков случај не е исклучено да се презентираат различни факти“, рече Јовески.
Н.Н.Ф.
