Економија, финансии, бизнис

Контакт

РУСКОВСКА РАЗГОВАРАЛА СО СОПСТВЕНИКОТ НА ПРЕВОЗНАТА ФИРМА - рекол дека работи 20 години и досега немале никаков инцидент

РУСКОВСКА РАЗГОВАРАЛА СО СОПСТВЕНИКОТ НА ПРЕВОЗНАТА ФИРМА - рекол дека работи 20 години и досега немале никаков инцидент

Јавниот обвинител Љубомир Јовески и основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Рускоска денеска итно отпатуваа на местото на автобуската несреќа на автопатот „Струма“ во Република Бугарија, каде се сретнаа со директорот на бугарската Национална истражна служба Борислав Сарафов.

На средбата, Јовески истакна дека Јавното обвинителство на Република Северна Македонија ги става на располагање сите капацитети на колегите од Бугарија со цел што поскоро утврдување на причините за трагичниот настан во кој според првичните информации 46 лица го загубија животот, а уште 7 се повредени.

„Долги години имаме професионална соработка со бугарското Обвинителство и верувам дека професионално ќе ги разјаснат сите околности во овој настан. Ние ќе дадеме помош во делот на обезбедување документација, идентификување на настраданите и се она што е потребно во истражувањето“, кажа Јовески.

Утрово Јовески доби порака со сочувство за трагичниот настан од Главниот јавен обвинител на Република Бугарија Иван Гешев. „Јавното обвинителство на Република Бугарија ќе ги вложи сите напори за расчистување на настанот и утврдување на причините кои ја предизвикаа тешката сообраќајна несреќа“, увери Гешев во пораката.​

Станува збор за голема трагедија, особено кога се загинати 12 деца, кажа главниот јавен обвинител Љубомир Јовески од местото на сообраќајната несреќа. Тој изрази сочувство до семејството на загинатите патници, пренесуваат бугарските медиуми.

Одговарајќи на новинарските прашања, бугарските обвинители истакнаа дека работат на сите верзии, а во моментов се земаат изјави од сведоци кои се нашле на местото на настанот. Бугарскиот обвинител додаде дека имало и втор возач, но се претпоставува дека и тој е загинат.

Тие открија дека во Северна Македонија нема да се спроведува дополнителна истрага, а сите експерти ќе бидат обезбедени од бугарска страна. Од друга страна шефицата на Одделот за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска рече дека сопственикот на превозната фирма се наоѓа на местото на настанот.

„Тука се наоѓа и сопственикот на превозната фирма, кажа дека 20 години има транспортна фирма и до сега немале никаков инцидент. Но, ќе ја обезбедиме целокупната документација за сите автобуси, односно кога се регистрирани и кога биле на технички преглед и ќе ги препратиме до бугарските колеги“, истакна Русковска.

Документите за сопственоста на автобусот се обезбедени и ние ќе ги предадеме на бугарските колеги, дополни Јовески.

Слично

Поврзани вести