Јовановска: ВМРО ДПМНЕ ме клевети, тие ја оставија ГАК без персонал и опрема
По смртта на трите новороденчиња на Клиниката за гинекологија во јавноста се јавија жестоки реакции, а не изостанаа ниту партиските клевети и препукувања. Во однос на наводите и обвинувања од страна на партијата ВМРО ДПМНЕ, д-р Викторија Јовановска, која пред две недели седна во директорската фотелја, најостро ги демантира обвинувањата .
Таа вели дека тоа што е назначена за директорка е резултат на минат труд, одговорен пристап и визија за унапредување на клиниката. Во реакцијата која може да ја прочитате во продолжение на текстот, Јовановска зборува за ситуацијата на ГАК која ја затекнала.
„Во ниеден момент не сум ја загрозила работата на установата ниту пак животот и здравјето на ниту еден пациент на ГАК. Стотиците породени и оперирани пациентки говорат за мојата стручност и квалификации потврдени со исходите на самите пациенти а не моето познанство со сопругата на Премиерот.
Моето назначување е резултат на минат труд, одговорен пристап и визија за унапредување на клиниката која ја затекнав во следнава состојба:
Интензивната нега на новороденчињата за која претходното раководство знаело дека располага само со 22 инкубатори, а бројот на недоносени речиси секогаш бил двојно повеќе, но ништо не преземало за релаксирање на оваа состојба и обезбедување на повеќе инкубатори иако фактот за најмногу починати новороденчиња – а владата на ДПМНЕ водеше кампања за многудетни семејства – ја остави клиниката без персонал и опрема.
Дефицит на педијатри кои дежураат секоја втора вечер и прават натчовечки напори да спасат човечки животи.
Родилна сала, дневна болница за киретажи, амбуланта за итни случаи кои работат без вентилација за довод на свеж кислород, лаборатории кои се сместени во субстандардни подрумски услови.
Не се водело грижа за персоналот па така за речиси една година од Клиниката си заминале тројца специјалисти анестезиолози кои се дефицитарни во државата, односно нема ниту еден кој би можеле да го вработиме, 5 специјалисти гинеколози, како и предвремено пензиониран еминентен професор, што значи 9 еминентни доктори.
Обезбедување од страна на СГС обезбедување во сопственост на Сашо Мијалков од Клиниката било плаќано со 4,7 милиони денари, пари со кои можело да се купи опрема.
Изгубени пациенти од регионот кои во минатото се лекуваа на нашата клиника а доаѓаа од соседно Косово, Јужна Србија, Бугарија.
Кров на клиниката кој постојано прокиснува и лифтови за транспорт на пациенти кои 70% од времето не работат.
Злоупотреба на службени возила со кои располага Клиниката.
Чест недостаток на потребни материјали, но затоа биле набавувани скапи Lenovo лаптоп компјутери.
Преземање на гинеколози од градови каде се дефицитарни гинеколози и многу други недоследности“, наведува Јовановска во нејзината реакција.
Во врска со обвинувањата и шпекулациите изнесени од ДПМНЕ во врска со починатите новороденчиња напоменува дека станува збор за прва бременoст на пациентката со IVF оплодување и степен на ризик поради гестациски дијабет (третиран со инсулин) и преегзистенцијална хипертензија со аплициран Cerclage (подврзување на грлото на матката).
„Пациентката претходно трипати била хоспитализирана во Клиничка болница во Тетово поради гинеколошко крварење. Во меѓувреме пристигнат е и резултатот од хемокултурата замена веднаш по раѓањето на првороденото новороденче и истата потврдува тешка вродена инфекција. За останатите причини дополнително ќе бидат информирани родителите. Исто така во рок од две недели невозможно е да се искорегираат сите недоследности за кои ВМРО ДПМНЕ имало прилика да се погрижи цели 11 години, но не го сториле истото“, додава Јовановска, која му се заблагодари на целиот персонал на Клиниката за гинекологија и акушерство кој несебично се труди да им помогне на сите пациенти кои се обраќааат во оваа клиника“, пишува д-р Јованоска.
