ЈОВАНОВА-ГРУЈОВСКА: Корените и на македонскиот и на бугарскиот јазик се всушност слоенски
Ставот за македонскиот јазик е на дел бугарски академици, не на сите. Деновиве следиме дека за дневно политички потреби ги користат оние што велат дека ние сме некоја дијалектна форма, вели Елена Јованова - Грујовска, директорката на Инстутутот за македонски јазик во неделното интервју на Радио слободна Европа.
„Корените на македонскиот јазик, исто како корените на бугарскиот јазик, на српскиот, на рускиот, украинскиот, на словенечкиот, на сите словенски јазици, значи корените се словенски всушност. И конкретно овие народи што живеат овде на Балканот, своите корени ги имаат во старословенскиот јазик. Оној јазик на кој браќата Кирил и Методиј всушност ја направиле првата азбука, прво глаголицата, потоа нивните ученици кирилицата и на којшто, овој старословенски јазик, ги описменувале Словените ширум Европа, до Моравија нагоре и потоа симнувајќи се повторно надоле нивните ученици до Македонија, до Бугарија итн., поминувајќи ги Хрватска, Србија. Што сакам да кажам? Овие јазици сите имаат иста основа, исти корен, тоа се ако земеме да го следиме старословенскиот јазик и потоа развојот на црковно-словенскиот, на словенските јазици, ќе видиме дека тука имаме всушност идентичен, а различен развој. На идентичен начин се случувале разликите. Ако во старословенскиот имаме ронка за рака, во српскиот имаме рука, во македонскиот-рака, во бугарскиот р’ка. Тоа е она што сакам да го кажам имаме еден развој на гласовите од старословенскиот јазик, преку црковно-словенскиот развој на варијанти, па затоа постоеле различните варијанти на црковно-словенскиот, постои и македонската варијанта на црковно-словенскиот јазик. Оваа варијанта на црковно-словенскиот јазик, македонската варијанта е почетокот, е зародишот на денешниот литературен, стандарден македонски јазик, на современиот македонски јазик. И тука веднаш би го споменала и Крсте Мисирков, тој се родил на 18 ноември 1874 година во Постол, Егејска Македонија. Крсте Мисирков во 1903 година во петтата статија од неговата книга „За македонските работи“, всушност ја прави првата кодификација на македонскиот јазик. Тоа е една неофицијална кодификација. Зошто? Затоа што кодификација прави држава. А ние во 1903 сме немале држава, меѓутоа тоа што го кажал Крсте Мисирков потоа само го востановиле, го утврдиле и вистинските кодификатори на јазикот. И што вели Крсте Мисирков? Вели дека треба да имаме еден современ правопис, да се оттргнеме од историјата и да направиме еден современ правопис онака како што правеле на крајот на 19-от век сите современи нации во светот. Правописот и моделот на пишување да стане близок до широките народни маси за полесно да се описменуваат. Крсте Мисирков тоа го кажува. Потоа кажува дека сите говори, сите дијалекти да даваат свој придонес во идниот речник на македонскиот јазик, да се црпат зборови од сите говори, што е многу битно и ја поставува основата, оската на идниот литературен македонски јазик. Велешки, прилепски, битолски, на едно место кичевски, на друго место охридски, од разни причини и кажува зошто, затоа што на тој начин ќе бидеме најдалеку од соседите и ќе покажеме дека сме поинакви, дека сме различни, да се види различноста на македонскиот јазик“, нагласува Јованова-Грујовска.
