Јован Деспотовски: Сериозно размислувам да се кандидирам за лидер на СДСМ
Сериозно размислувам да се кандидирам за лидер на СДСМ, изјави денеска Јован Деспотовски, актуелен директор на Дирекција за ТИРЗ и долгогодишен член на партијата.
„Сериозно размислувам за кандидатура. Со 25 години поминати низ повеќе структури во партијата и покажани реални резултати верувам дека можам да понудам нов концепт кој ја обединува не само партијата туку и сите наши сограѓани со кои делиме заеднички вредности. Овој потег носи сериозна одговорност и големи предизвици. Ги правам последните анализи и консултации со семејството по што ќе ја донесам конечната одлука, изјави Деспотовски.
На прашањето како ги коментира кандидатурите на Фросина Ременски и Димитар Ковачевски Деспотовски вели дека сега е поважно прашањето како отколку кој.
„Широчината во кадровската понуда за идниот лидер на партијата е еднакво важна и за квалитетот и за образот на партијата, но и за да ја испочитуваме и вреднуваме пораката која ни ја испратија гласачите на последните избори. Затоа е добро што се покажува дека во партијата има луѓе кои се подготвени да преземат одговорност но и товар во овие моменти. СДСМ и досега покажал дека е партија со интегритет, капацитет и подготвеност да интегрира и да обединува, вели Деспотовски.
Такво нешто вчера најави и поранешниот организациски секретар на владеачката партија, Миле Зечевиќ, а кандидатури веќе поднесоа заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски и поранешната пратеничка Фросина Ременски.
А.Т.
