Економија, финансии, бизнис

Контакт

Јордан Камчев за денеска најавен како сведок за случајот „Меѓународен сојуз“

Јордан Камчев за денеска најавен како сведок за случајот „Меѓународен сојуз“

Бизнисменот Јордан Камчев за денеска е најавен дека ќе сведочи на рочиштето за „Меѓународен сојуз“, иако во меѓувреме тој во неделата беше притворен за наводен обид за бегство како осомничен во случајот „Плацови на Водно“.

Неговиот правен застапник Тони Менкиновски во неделата кога Кривичниот суд го одобри притворот го поврза неговото апсење токму со овој случај. Според Менкиновски, власта се обидува да заштити некој од овој предмет со тоа што ќе се обиде да го оневозможи сведочењето на Камчев. Освен Бојан Јовановски, во „Меѓународен сојуз“ обвинети се и Фросина Ременски, Миле Јовановски, таткото на првообвинетиот и Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ.

Јовановски е обвинет за измама и перење пари. Ременски е обвинета за помагање во делото измама, Мандиќ за помагање во измамата и перењето пари, Миле Јовановски се товари за помагање во перењето пари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје. Како правно лице обвинета е и невладината организација „Меѓународен сојуз“.

Инаку Камчев е во притвор поради тврдењата во белешка на АНБ дека е можно да бега, а поради случајот Плацеви на Водно. Одбраната тврди дека неговото приведување е конструкција која ја крши и Конвенцијата за човекови прави. Беа прескокнати обвинителите но и сите законски пропишани процедури.

Адвокатот тврдеше дека се врши директна тортура и лична освета кон Камчев. Според него има простор за целосно оправдана и издржана жалба која одбраната на Камчев ќе ја достави до македонските судови, но и до Европскиот Комитет за превенција и нечовечко или понижувачко постапување или казнување во Стразбур каде што по итна и вонредна постапка  ќе биде побарано да се изврши посета во земјата со цел утврдување на фактичката ситуација. 

Инаку „Плацевите на Водно“ е случај кој е отворен уште во месец октомври 2020 година, а е преземен како дел од случајот „Империја“’. Јордан Камчев како осомничен во тој случај, според информациите, постојано бил достапен на органите на прогонот и во овој случај повеќепати бил повикуван и секогаш уредно се јавувал пред ЈО на секоја покана. Одбраната тврди дека доказ за неговата достапност и волјата да се вклучи и да ја помогне истрагата пред Jaвното обвинителство е што тој сам во неколку наврати има побарано од надлежниот обвинител Лиле Стефанова да даде исказ и има побарано и инсистирано да добие термини за распит и сослушување.  Доказ за неговата соработка со Јавниот обвинител бил и фактот дека  Камчев по дадениот исказ на 4 февруари предјавил докази во поткрепа на својата одбрана и истите со поднесок од 9 март 2021 година преку Поломошник ги доставил до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.


Слично

Поврзани вести