Јолевски: Турција дава силна поддршка на Република Македонија од денот на прогласувањето на независноста
Република Турција дава силна поддршка на Република Македонија од денот на прогласувањето на независноста, изјави министерот за одбрана, Зоран Јолевски денеска на прослава во Битола посветена на турскиот реформатор Кемал Ататурк и промоцијата на двотомното издание „Турско-македонските односи низ историјата“.
Тој додаде дека Република Турција во сите меѓународни комуникации го користи уставното име на Република Македонија и е единствена држава што става забелешка во сите документи на НАТО дека ја признава нашата држава под уставното име.
Во своето обраќање Јолевски пособено го нагласи заедничкото учеството на македонски и турски офицери во командата во Кабул како најдобар доказ за квалитетот на соработката и односите меѓу армиите на двете држави.
„Приоритет на надворешната политика на Република Македонија е членството во НАТО и ЕУ и во таа смисла Република Турција дава безрезервна поддршка на нашите аспирации да бидеме членки на Алијансата. На овој начин Западен Балкан ќе биде побезбеден и посилен. Лидерството на Турција е многу значајно и ние сме им благодарни за тоа лидерство“ - рече Јолевски.
Тој обраќањето го заврши со пораката на Кемал Ататурк – „Мир во земјата, мир во светот“, која, како што рече, е водилка за зачувување на глобалниот мир и безбедност и зајакнување и усовршување на просперитетната иднина на народите и заедничкиот соживот во регионот и во светот.
Пред аудиториумот во Битола беше промовирана и публикацијата „Турско-македонските односи низ историјата“ во чија изработка се вклучени уредниците од Турција Шахин Кујучу, Резан Нунал, Озлен Демиреген и Ахмет Чалишка, додека од Македонија во подготвувањето на публикацијата учествуваа Владо Поповски, Ристо Дамјановски и Александар Стојчев.
