Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЈАВНОСТА СЕ КРЕНА НА НОЗЕ ЗА ЈАВНА СОБА - на потег е Обвинителството, имаат доволно материјали

ЈАВНОСТА СЕ КРЕНА НА НОЗЕ ЗА ЈАВНА СОБА - на потег е Обвинителството, имаат доволно материјали

Случајот Јавна соба сега е во рацете на обвинителството. Нему му се предадени доволно материјали, кои сега треба да помогнат да се расчисти овој случај по судски пат.

Ова вчера го изјави за ТВ 24 министерот за правда Бојан Маричиќ.

Според него, институциите интервенирале за затворање на групата, но сега случајот е во рацете на Обвинителството и судовите кои треба да постапат. 

Министерот најави и дека ќе се менуваат закони за да има поголема безбедност за жртвите како оние од „Јавна соба“, но и построги казни.

„Сега е на потег обвинителството, да го расчисти овој случај по судски пат, има доволно материјали кои се предадени во обвинителството. Ние како институции кои ги предлагаме регулативите, oна што може сега да го направиме и го правиме е веќе внесување на предлог-измени во Кривичниот законик. Сите овие прашања се покриени и во Истанбулската конвенција и врз основа на нејзина имплементација внесуваме нови кривични дела како што се ‘демнење’ и ‘полово вознемирување“, рече Маричиќ.

Инаку, власта веќе најави дека во новата работна верзија на Кривичниот законик се додава нов член 144А кој ќе предвидува „демнење“.

Со овој член ќе се предвидува парична казна или затвор до три години за оној што истрајно и за подолго време неовластено ќе следи, прогонува или на друг начин се меша во личниот живот на друг, или со него воспоставува или настојува да воспостави од него несакан контакт со движење во просторот каде се наоѓа тоа лице.

Доплнително во членот ќе бидат опфатени и злоупотребата на лични податоци преку телекомуникациски или други средства за комуникација каде психички се вознемирува, застрашува и со тоа ќе предизвика чувство на несигурност кај одредено лице или ја нарушува сигурноста на нему блиско лице.

А вчера во главниот град на земјава силно одекна протестот кој се одржа токму со главни барања да бидат казнети учесниците од Јавна соба, односно оние кои објавуваат експлицитни фотографии од девојки. 

Маршот почна пред седиштето на МВР и продолжи до ОЈО.

„Бараме казни за сите администратори на групи од овој тип кои споделувале информации од девојки, не само од Јавна соба, бараме во Кривичен законик да се внесе интернет вознемирување“, рекоа организаторите на протестниот марш. 

Жените порачаа дека многу пати биле сексуално вознемирувани, но не пријавиле во полиција. На институциите им порачаа да не спијат. 

За овој случај се уапсени неколку лица, а еден од инволвираните е на Малта.

Една група беше избришана, но се појави нова каде фотографии и видеа споделуваа и државјани на Србија. 

Македонскиот претседател Стево Пендаровски во интервју на ТВ24 коментирајќи го случајот Јавна соба изјави дека треба да се повикаат на одговорност раководните лица на институциите, кои треба да постапуваат по него.

Инаку, од Министерството за внатрешни работи неодамна изјавија дека ловат односно детектираат и други членови на групата Јавна соба, која откако беа откриени сите непријатности што им се случувале на жртвите, практично ја скандализираше македонската јавност.

Ова следува откако беа приведени четири лица за ова дело, и тоа двајца од Битола, како и по еден од Велес и од Штип.

Се вештачат и сите телефони кои беа одземени, односно сите компромитирачки материјали за жртвите на јавна сова  кои тие ги содржат.

„Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика интензивно работи на расчистување на случајот. Се вештачат телефоните што беа одземени од приведените, се детектираат други членови на групата и други активности потребни за целосно расчистување на случајот“, се вели во кусиот одговор што го добивме од МВР на оваа тема. 

Оттаму, веројатно во интерес на истрагата, не можат да дадат повеќе детали.

Слично

Поврзани вести