Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЈАВНОСТА ЧЕКА ОДГОВОРИ ЗА СЛУЧАЈОТ ВО СТАРО НАГОРИЧАНЕ: Bo кои земји се регистрирани најмногу сериски убијци?

ЈАВНОСТА ЧЕКА ОДГОВОРИ ЗА СЛУЧАЈОТ ВО СТАРО НАГОРИЧАНЕ: Bo кои земји се регистрирани најмногу сериски убијци?

Додека македонската јавноста чека одговори дали уапсениот 25 годишник од Општина Старо Нагоричане стои зад серија убиства на постари жени во тој крај, статистиките на глобално ниво покажуваат дека во САД и во Русија се регистрирани најголем број на сериски убијци.

Според податоците објавени на worldpopulationreview, во САД се регистрирани 771 сериски убиец, а во Русија 167. Други бази на податоци како таа на Radford укажуваат дека во САД имало многу повеќе, односно над 3.600 сериски убијци.


За Македонија пишува дека се евидентирани два случаи на сериски убијци. Но, медиумите деновиве потсетија не на два, туку на три случаи на сериски убиства во Македонија. Сепак јавноста се сеќава на случајот со Виктор Карамарков, познат како „Македонскиот Раскољников“, кој убил четири стари жени во Скопје во 2009 година. Тој ги напаѓал жртвите со тап предмет во главата и ги ограбувал. Во Кичево, во периодот 2004–2008, Владо Таневски, новинар е откриен како сторител на серија убиства на стари жени. Во периодот од 1999 до 2008 година, во Охрид имаше серија убиства, а осуден е Лазе Радески.

„Тоа е комплексна тема на која не може да се даде одговор во неколку реченици, туку треба поопширно да се елаборира“, вели психијатар од внатрешноста.

Психијатрите и психолозите не се расположени многу да зборуваат на оваа чувствителна тема, но додаваат дека во нашата средина општо има многу случаи на физичко и психичко насилство и тоа е загрижувачки.

„Не може да се генерализира, но ако станува збор за лице со ментална попреченост, тоа лице не може правилно да расудува и се става во категорија на лица на кои им е одземена деловната способност. Самата дијагноза кажува дека се непресметливи, ако се родиле со растројства и во некоја ситуација нагонски реагираат. Но, има и лица кои се родиле психички здрави, а во текот на животот им се случило нешто од надворешни влијанија или ако имаат некоја генетска предиспозиција, тоа се манифестира под дејство на алкохол, наркотици, од силен емоционален набој. Лицата кои работат во полиција треба да дадат одговор дали тоа лице во Старо Нагоричане си планирало, ги следело жртвите, набљудувало како функционираат и си правело план. Сепак станува збор за патолошка структура на личност“, вели психолог.

Инаку, ако ги погледнеме статистиките на worldpopulationreview, во Франција се евидентирани 79 сериски убијци, во Обединетото Кралство 77, во Германија 69. Зад неа е Кина со 45 сериски убијци, потоа следи Јужна Африка со 43, па Јапонија со 41 и Бразил со 40.

По 2 регистрирани случаи на сериски убијци има во Словенија, Бахамите, Уругвај, Хрватска, Ирска, Сингапур, Замбија, Узбекистан и други.  Во БиХ има 1, во Србија исто 1, во Грција 10, во Бугарија 7 такви случаи.

Како што е наведено во објаснувањето на страницата, на симпозиум од 2005 година во Сан Антонио, Тексас, ФБИ официјално го дефинираше сериското убивање како „убивање на две или повеќе жртви од страна на ист/исти сторител/и, во одделни настани“. 

„Процесот на следење и споредување на податоците за сериските убијци за секоја од земјите во светот е полн со значајни предизвици. Главен меѓу нив е фактот дека разликите помеѓу една земја и друга можат да влијаат на нивните податоци и да ги направат споредбите од земја до земја непаралелни. На пример, една земја може да има различна дефиниција за сериски убиец - како на пример, да бара минимум две жртви, а не три - од другите земји, што би влијаело на нивните вкупни бројки. Слично на тоа, агенциите за спроведување на законот во некои земји се помалку вешти во идентификувањето и следењето на сериските убијци, што би можело да ги направи нивните бројки на сериски убијци да изгледаат ненормално ниски во споредба со оние во земјите со повешти агенции за спроведување на законот. Дополнително, евиденцијата на сериски убиства во некои земји датира многу децении порано од другите, што ги прави нивните бројки да изгледаат повисоки во споредба“, стои во објаснувањето на worldpopulationreview.

Што се однесува до жените во Општина Старо Нагоричане, нив ги пронаоѓале мртви и расоблечени. Едно тело е ексхумирано за обдукција. Како што соопштија надлежните, ќе направат и психијатриско вештачење на уапсеното лице. Сепак мештаните велат дека лицето таргетирало стари жени кои живеат сами и кои нема да можат да пружат отпор. Имало многу пријави во полиција, но построги мерки не се преземени против насилникот. Локалните жители прашуваат и каде е одговорноста на неговите најблиски, односно ако веќе биле свесни дека лицето има проблем, зошто не го сместиле во соодветна установа. 

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести