Јавно обвинителство за аферата со пензиите; Царовска не посочи имиња, треба да донесе уште докази
Јавното обвинителство по дадениот исказ и поднесената кривична поријава до непознат сторител од страна на Мила Царовска за објавениот скандал со пензиските придонеси објави дека министерката за труд и социјална политика не навела имиња на можни сторители и дека е потребно да донесе дополнителни материјали како докази.
„Во својот исказ таа изнесе одредени сознанија во врска со наводите во пријавата без притоа да посочи можен сторител на кривичното дело со утврден идентитет. Надлежниот јавен обвинител побара од подносителот на пријавата дополнително да достави определени материјални докази кои ги спомена во својот исказ.
Основното јавно обвинителство Скопје продолжува со преземање други дејствија за проверка на наводите во пријавата. Надлежниот јавен обвинител од Државниот завод за ревизија ќе ги побара изготвените извештаи за извршена ревизија во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во критичниот период, а на распит ќе биде повикан и претставник на Фондот за да даде свое појаснување во врска со наведеното во пријавата“, соопшти Обвинителството.
Кривичната пријава поднесена од Царовска се однесува за злоупотреба на службена положба и овластување за „невршење на распределба на осигуреници во вториот столб од пензискиот систем и неисплата на придонеси во приватните пензиски фондови“.
Претходно денеска министерката не сакаше да изнесува детали од распитот и изјави дека очекува разрешница на случајот.
Наводниот скандал добива на тежина со тоа што Владата ќе враќа 19 милиони евра кај осигурениците на кои не им биде префрлани придонесите во вториот пензиски столб, односно без да знаат парите биле задржувани во првиот во изминатите 10 години.
